1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Путин треба да изгради руски ислам“

Штефани Хепнер/ Жана Ацеска 2 јануари 2014

Како на тероризмот во Русија да му се отсечат корените? На ова прашање во интервју за Дојче веле се обидува да одговори Еберхарт Шнајдер, политиколог и член на Центарот за Русија на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1AkDR
Фотографија: Maxim Marmur/AFP/Getty Images

Дојче веле: Во претходните денови во нападите во Волгоград загинаа над 30 луѓе. Се‘ уште никој не је презеде одговорноста за атентатите. Кој би можел, според Ваше мислење, да стои зад нив?

Еберхарт Шнајдер: Сметам дека постои поврзаност со самопрогласениот емир од т.н. Емират Кавказ, Доку Умаров. Тој пред половина година најави терористички напади со цел да го попречи одржувањето на Зимските олимписки игри. Во областа Сочи, каде треба да се одржи Олимпијадата, пред 150 години живееле околу еден милион Черкези. Тоа е кавкаски народ со исламска вера, кој со години им се спротивставувал на царевите при обидот да го приклучат во руското царство. Во борбите загинале околу 400 илјади Черкези, уште толку биле прогонети. Умаров најави одмазда за тоа. Освен тоа, Умаров е Чеченец. До 2007 година тој се бореше првенствено за отцепување на Чеченија од Русија. Од 2007. година тој го промени ставот. За него сега не е во преден план осамостојувањето на Чеченија, туку ширењето на исламизмот, посебно вахабизмот. Тој е фундаменталистичка форма на толкување на Коранот. Неговата главна порака е: верниците треба да водат т.н. Света војна.

Eberhard Schneider, Zentrum EU Russland, Brüssel
Еберхарт Шнајдер, политиколог и член на ЕУ-Центарот за РусијаФотографија: Eberhard Schneider

Какво значење има големата сиромаштија во Кавказ?

Една од причините за терористичките акти се наоѓа во економските и социјалните тензии во кавкаските републики. Во Чеченија во меѓувреме е мирно, но немирите во меѓувреме се преместија во соседните региони, на пример во Дагестан. Таму постои невработеност од 70 проценти. Околу 40 проценти од младите живеат под егзистенцијалниот минимум. Економската ситуација мора да се подобри за на среднорочен рок да се оневозможи социјалната база да биде плодно тло за терористите.

Што би требало да преземе Путин?

Да сум на местото на Путин, би се обидел да изградам руски ислам, односно, умерен ислам, ориентиран кон Русија. Путин би требало да преземе се‘ за да го спречи натамошното ширење на вахабизмот во Русија. Моментно оваа форма се‘ посилно продира во џамиите, се шири меѓу имамите, пред се‘ во Казахстан. Во време на Советскиот Сојуз религијата беше потиснувана од страна на државата. По распадот на Советскиот сојуз, муслиманите констатираа дека им недостигаат имами. Така, се обратија во исламското соседство за да ги најдат. А Саудиска Аарабија, од каде што доаѓа вахабизмот, беше многу расположена да испрати имами.

Значи, Путиновата цврста рака нема безусловно да помогне во иднина?

Негов стил е настапувањето со силни пораки. Но, тие самите не помагаат. Тој мора да ја подобри социјално-економската ситуација. Каде одат младите, кога не можат да најдат работа? Тие одат кај терористите, зашто така имаат гаранција дека секој месец ќе добиваат пари.

САД и‘ ветија помош на Русија. Колку таа има смисол?

Американците можат првенствено да помогнат со информации. Русите им помогнаа на Американците при нападот во Бостон. Но, за жал, американските служби не извршиле правилно вреднување на информациите добиени од Москва.

Зошто токму Волгоград е цел на нападите?

Волгоград е голем сообраќаен јазол. Освен тоа, градот не е е многу оддалечен од кавкаските републики. Конечно, Волгоград, поранешниот Сталинград, има голем престиж во Русија. Ако таму може да се извршат вакви терористички напади, тоа се разбира има влијание кај руското население. Во основа, Умаров покажува дека Путин не може да даде никакви безбедносни гаранции и дека руските безбедносни служби се неспособни.