Путин тврди дека Русија не отфрла преговори
27 април 2022Владимир Путин, според сопствени тврдења, „се надева“ на ставање крај на конфликтот со Украина преку преговори. „И покрај фактот што трае воената операција (во Украина), сѐ уште се надеваме дека ќе бидеме во состојба да постигнеме договор по дипломатски пат“, изјавил рускиот претседател на средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Москва. Путин вели дека Русија не отфрла преговори, јави агенцијата АФП.
Во текот на средбата со Гутереш, која беше пренесувана на телевизија, рускиот претседател зборувал и за обвинувањата против руските војници за воени злосторства во украинскиот град Буча. Во Буча, според Путин, имало „провокација со која руската армија нема ништо“. „Знаеме кој ја подготви таа провокација, со кои средства и кои луѓе работеле на тоа“, тврди Путин.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата со рускиот претседател побара Москва и Киев да соработуваат со Обединетите Нации за да се создадат бегалски коридори за цивилите во Украина и да се осигура доставување хуманитарна помош. По средбата, ОН соопштија: „Претседателот во основа се согласи со учество на Обединетите Нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во евакуација на цивили од челичарницата во Мариупол.“ За таа цел, ОН би требало да останат во контакт со руското Министерство за одбрана.
Гутереш во Москва разговараше со претседателот Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, а потоа патува во Киев. Украинската влада остро го критикуваше редоследот на средбите. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека во ваквиот редослед не гледа „ниту праведност ниту логика“.