Путин планира Украинците полесно да добијат руски пасош
27 април 2019Русија не исклучува можност наскоро на сите Украинци да им овозможи брзо стекнување руски пасоши. Ова го изјави шефот на Кремљ во Пекинг.
Во средата рускиот претседател потпиша декрет со кој на луѓето од воените подрачја во источна Украина им се поедноставува добивањето руско државјанство. Украинците со постојано место на живеење во „одделни окрузи“ во Доњецк и Луганск во иднина на таков начин треба да имаат можност да станат руски државјани со поедноставена постапка. Руските власти за барањата за стекнување државјанство според декретот треба да донесат одлука во рок од три месеци.
Во источниот дел од Украина, украинските владини трупи веќе со години водат борба против сеператистите поддржувани од Русија. Со понудата за стекнување државјанство, Русија сака натамошно надградување на своето влијание во оваа област.
Планот на Русија наиде на остри критики во Украина, но и во ЕУ и САД. Украина за темата побара и одржување седница на Советот за безбедност на ОН.
Во врска со новата регулатива за добивање руски пасоши во сеператистичките украински области, Владимир Путин за новинската агенција ТАСС изјави дека Русите не треба да стравуваат во поглед на своите социјални права и пензии: „Не постои никаков сомнеж, сите социјални права ќе бидат остварувани“.
Повеќе:
Експресниот подем на Володимир Зеленски
Украина избра нов почеток со комичар
Критиките според кои новата регулатива во преголема мерка ќе го оптовари рускиот буџет, Путин ги нарече „хорор приказни“: „Ние сё однапред испланиравме“, истакна тој.
Одлуката на Путин следува непосредно по претседателските избори во Украина, на кои минатата недела Володимир Зеленски убедливо го победи актуелниот претседател Петро Порошенко. Путин истовремено понуди средба со Зеленски заради што поскоро завршување на конфликот меѓу двете земји.