1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путин наредил делумно повлекување на трупите од Сирија

ЖА / агенции
11 декември 2017

Рускиот претседател Владимир Путин, при ненадејна посета на Сирија, наредил повлекување на најголем дел од руските сили од земјата зафатена од граѓанска војна.

https://p.dw.com/p/2p8ii
Russland Sotschi Treffen Assad und Putin
Фотографија: picture-alliance/abaca/Kremlin Press Office

Шефот на Кремљ, Владимир Путин, првпат од почетокот на руската воена интервенција во Сирија бил во посета на руската воздухопловна воена база Хамаимим во провинцијата Латакиа. Оттаму тој издал наредба за повлекување на најголем дел од руските трупи од земјата во која беснее граѓанска војна. Руската армија, заедно со сириската војска, го уништија најголем дел од терористите во Сирија, па затоа е издадена наредба за повлекување, изјавил Путин, а пренесуваат денеска новинските агенции Тасс, РИА новости и Интерфакс.

„Победнички ќе се вратите дома кај вашите најблиски, родителите, децата, сопругите, пријателите. Татковината ве очекува назад, пријатели мои“, им порачал тој на руските војници.

Во руската воена база Владимир Путин се сретнал и со сирискиот претседател, Башар ал-Асад, а на разговорите со него присуствувале и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на рускиот Генералшатб, Сергеј Суровикин. 

Од септември 2015. година руската воена авијација преку воздушни напади ја потпомага сириската армија.  Во ноември Путин неочекувано го прими сирискиот властодржец Башар ал-Асад во Сочи. Во таа прилика тој навести скоро завршување на руското воено присуство во Сирија. Путин денеска престојува во Египет, потоа патува за Турција, а Сирија била негова попатна станица.