1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фанфарите не можат да ги маскираат неуспесите

СН/ агенции
17 јануари 2019

Со маички, чаши и мурали со неговиот лик, Србија на рускиот претседател Владимир Путин му приредува дочек како на рок-ѕвезда. Србија важи за клучен сојузник на Москваво овој дел на Европа.

https://p.dw.com/p/3BhpZ
Putin in Belgrad 16.10.2014 Fans bei der Militärparade
Фотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Рускиот претседател ќе биде пречекан со парада која ќе движи низ главниот град Белград и ќе доживее кулминација пред масивниот храм Свети Сава, едно од најголемите светилишта на православното христијанство, пишува во анализата на новинската агенција Франс прес по повод посетата на Владимир Путин на Србија. Натаму во текстот читаме:

Иако Србија се стреми да се приклучи кон Европската унија, таа ги задржува тесните врски со Русија, историскиот „православен голем брат", чиј народ исто така споделува словенско потекло. Но, тоа е повеќе емотивна отколку рационална врска, објаснува српската економска аналитичарка Билјана Степановиќ во Белград. Според истражувањето на српската влада од 2017 година, една четвртина од населението верува дека Русија е најголем донатор во нивната земја, додека исто така една четвртина вели дека тоа е ЕУ. Во реалноста, пак 75 отсто од донациите доаѓаат од ЕУ, или од нејзините земји-членки, додека Русија дури не е ни меѓу првите девет.

Западот ја надминува Русија и кога се во прашање директните инвестиции и трговијата. Сепак, љубовта кон Москва е поттикната од нејзината непоколеблива поддршка на Србија околу емотивното прашање на Косово, поранешна српска покраина која се отцепи по герилската војна во 1998-1999 година. Србија никогаш не го прифати отцепувањето, а Русија го отфрла, користејќи го своето право на вето во Обединетите нации за да го спречи остварувањето на сонот на Косово да се приклучи кон Светската организација. За возврат, Белград одбива да се приклучи кон меѓународните трговски санкции наметнати врз Русија поради нејзината анексија на Крим во 2014 година. Фразата „Косово е Србија, Крим е Русија" понекогаш може да се забележи на српските улици.

Demonstration in Belgrad gegen die NATO
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Повеќе:

-Руска забава во Белград

-Србија се надева дека Путин и Трамп ќе го пресечат косовскиот јазол

-Српска „љубов“ кон Русија

Свесен за наклонетоста на својот народ кон Русија, српскиот претседател Александар Вучиќ честопати зборувал за својот однос со Путин. Во понеделникот, тој во интервју за провладината телевизија Пинк откри детали од својата последна посета на Москва.

„Кога отидов во неговата куќа да му подарам икона, ме прими во 22:45 часот, бевме сами и свиреше на пијано", рече Вучиќ, кого критичарите го обвинуваат дека засилено авторитарно раководи со државата. Но, фанфарите не можат да ги маскираат неодамнешните неуспеси на Русија на Балканот, каде што Западот ги покажува мускулите. Москва не можеше да ја спречи Црна Гора да се приклучи кон НАТО во 2017 година, цел која Македонија е исто така на прагот да ја постигне.

Ако Македонија успее во тоа, сите земји што граничат со Србија - која не се стреми кон членство во Алијансата - ќе бидат во сферата на НАТО, со исклучок на Босна и Херцеговина поради ветото на нејзиното српско население.

Путин, во Белград, исто така, ќе се сретне и со лидерот на босанските Срби, Милорад Додик. Максим Саморуков, аналитичар на Русија во фондацијата Карнеги вели дека Путин е во посета на Србија, главно поради политички престиж и да покаже дека постои руско влијание во овие делови на светот. „Балканот како таков е од мала важност и не претставува приоритет за руската надворешна политика", додава Саморуков. Меѓутоа, Москва има каков-таков влог во регионот. Србија увезува две третини од својот природен гас и сурова нафта од Русија, додека рускиот гигант Газпром е сопственик на српската нафтена компанија НИС. Според аналитичарот Степановиќ, Русија сѐ уште не го искористила овој адут, но потенцијалот за влијание е тука, бидејќи Србија не може да си дозволи прекин во испораките.

Во интервјуто за „Пинк ТВ", Вучиќ рече дека е отворен и за купување на евтин гас од друго место.  „Но, тоа сѐ уште не сум го видел", додаде тој.