Пулицер за истражувањето на лажните тврдења на Трамп
11 април 2017Пулицеровите награди, најпрестижните во американското новинарство, во понеделникот им искажаа особена чест на истражувачките приказни кои ги оспорија тврдењата на претседателот Доналд Трамп за време на предизборната кампања и излегоа во одбрана на слободата на печатот. На 101. доделување на наградите на Универзитетот Колумбија во Њујорк, со највисоката награда, за национално известување, се закити Дејвид Фарентолд (на насловната фотографија) од весникот Вашингтон Пост. Неговата работа жирито ја оцени за „модел на транспарентно новинарство“. Во неа беа истражувани тврдењата на Трамп дека бил многу дарежлив во неговата добротворна работа. За време на кампањата, Трамп тврдеше дека собрал 6 милиони долари за воените ветерани, но од собраните средства издвоил само еден милион за декларираната цел, покажа новинарското истражување. Истиот новинар откри и дека во 2005 година Трамп се фалел оти сексуално малтретирал жени.
Пулицеровите награди се доделуваат во вкупно 21 категорија во кои освен новинарството, спаѓаат и уметноста и писмата.
Победничките новинари вклучуваат известување кое ги предизвикува „моќните политичари и институции“ и открива „систематска злоупотреба на луѓе кое имаат мала надеж дека можат да се одбранат“, рече администраторот на наградите, Мајк Прајд.
Њујорк Тајмс ја доби наградата за меѓународно известување за серијата текстови за напорите на Владимир Путин да ја наметне руската политика во странство, меѓудругото, и преку атентати и онлајн напади.
Слободниот фоторепортер Даниел Берехулак ја доби наградата за фотографија за снимките во Њујорк Тајмс кои ја илустрираа „војната против дрогата“ во Филипините.
Меѓу наградените се и Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, Меклаци и Мајами Хералд за серијата истражувачки приказни „Панама Пејперс“ за затајувачите на данок во даночната оаза Панама.