Проширени санкциите против Северна Кореја
3 јуни 2017Највисокото тело на ОН едногласно донесе резолуција за воведување санкции врз две трговски фирми, државната банка Корио, како и врз единицата на вооружените сили надлежна за стратешки ракети. Нивниот имот ќе биде замрзнат. Истото важи и за 14 лица, кои добија и забрана за патување. Меѓу нив е и Чо Ил У, човекот за којшто се претпоставува дека е шеф на тајната служба. Во резолуцијата на Советот за безбедност повторно најостро се осудува ракетната програма на Северна Кореја и развојот на нуклеарно оружје. Резолуцијата ја предложија САД и Кина, а претходно својата согласност ја сигнализираа останатите 13 членки на Советот.
Првите казнени мерки поради ракетната и нуклеарната програма на Северна Кореја беа воведени од страна на ОН во 2006 година. Со повеќе резолуции на Пјонгјанг му се забранува тестирање балистички ракети, кои, зависно од начинот на градба, можат да имаат и нуклеарни боеви глави. Сепак, Северна Кореја и натаму продолжува со развивање ракети кои можат да ја погодат не само Јужна Кореја или Јапонија, туку би можеле да стигнат и до САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани со самостојна акција во конфликтот со комунистичкото раководство во Пјонгјанг и притоа не исклучи и можност од воен напад. Во четвртокот САД ги проширија своите санкции против Северна Кореја. Со оглед на нејзините нуклеарни амбиции и ракетните тестови, Северна Кореја претставува „недвосмислена и актуелна опасност“, оцени американскиот министер за одбрана Џејмс Матис на регионална безбедносна конференција во Сингапур.