1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Втор смртен случај, бројот на заразени достигна 136

БГ
23 март 2020

Најмладиот пациент од коронавирус во земјата има две години, а најстариот 91. Стотици чекаат тестирање. Владата ги прошири мерките за забрана на движење за лицата над 67 и под 18 години.

https://p.dw.com/p/3Zw8V
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Нови 22 лица се дијагностицирани со новиот коронавирус во земјава во изминатите 24 часа, а вкупната бројка на заразени достигна 136. Најголемиот дел повторно се од Скопје-15, додека 4 се од Дебар. Втората жртва од вирусот е 63-годишен пациент од Дебар, кому нагло му се влошила состојбата вчера. Статистиката на Инстиутот за јавно здравје покажува дека најмладиот пациент во земјава заболен од коронавирус има само 2 години, а најстариот 91 година. Најголем процент од заразените (23%) се на возраст меѓу 30 и 39 години.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека стотина лица кои биле во контакт со заразената поранешна директорка на Клиниката за кожни болести деновиве ќе бидат тестирани, откако им минал периодот на задолжителна изолација. Ниту еден од нив досега не покажал симптоми на болеста.

Филипче информираше дека откако ќе заврши формално-правната постапка, за сите заразени од коронавирусот ќе се воведе нова терапија на база на антибиотикот сумамед и лекот Кинин, која досега покажала резултати во неколку земји во светот. Но Филипче ги повика граѓаните да не прават залихи од Сумамед на своја рака, откако таков тренд бил забележан изминативе недели, и најави дека издавањето на лекот ќе се ограничи преку ткн. „бели рецепти“. 
Владата вечерва одлучи делумно да го измени, и да го дополни полицискиот час кој влезе во сила во неделата. Наместо до 6 часот наутро, тој од вторник 24 март ќе трае до 5 часот наутро, а ќе започнува како и претходно во 21 часот. Но се проширува полицискиот час по старосни групи. За лицата над 67 години забраната за излегување од дома ќе започнува далеку порано, од 11 претпладне и ќе трае до 5 наутро. Малолетниците, под 18 години, пак, ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот.