Процентот за излезност на рефeрендумот може само да расте
30 август 2018Политичарите и истражувачите на јавното мислење со внимание ги анализираат резултатите од теренската анкета на Меѓународниот републикански институт ИРИ објавена вчера, а спроведена од 28 јуни до 15 јули годинава преку лични интервјуа со 1.100 испитаници. Она што го привлекува најголемото внимание, се одговорите дадени на прашањето како граѓаните ќе гласаат на референдумот: 49 % се изјасниле дека ќе гласаат „за“, 22 % „против“ и 16 % дека нема да гласаат.
Оние кои имаат практично искуство со истражувања на јавното мислење, во овие бројки ги читаат и трендовите.
„Истражувањето на ИРИ покажува дека има големи шанси излезноста на референдумот да го помине прагот од 50%“, вели Никола Спасов од Агенцијата за испитување на јавно мислење и стратегиски комуникации „Рејтинг“.
„Фактот што само 16% граѓани рекле дека ќе бојкотираат, а кампањата се уште не е почната, покажува дека интересот кај гласачите за референдумот е висок. Бидејќи паралелно ќе има три кампањи за поддршка на референдумот, а ниту една формална за бојкот, сметам дека процентот на излезност може само да расте. Останува да видиме како конечно ќе се изјасни ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање. Моето мислење е дека до крај нема да бидат јасни во ставовите и нема конкретно да ги повикаат своите гласачи ниту на бојкот, ниту на гласање против. Ова значи дека е можно да имаме еднострана силна медиумска кампања 'за' и маргинална кампања за бојкот претежно по социјaлни мрежи. Ако вака остане состојбата, сметам дека излезноста може многу да порасне во однос на оваа во моментот“, оценува Спасов.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не го соопштува ставот за рефрендумот, па во јавноста веќе се поставува прашањето: Дали тој став ќе зависи, пред се, од претстојната одлука на Апелацискиот суд по жалбата доставена од претходниот лидер, Никола Груевски, за двегодишна затворска казна за набавка на луксузниот „мерцедес“?
Обединети „за“
Според анкетата на ИРИ, 25 отсто од испитаниците сметаат дека сега е вистинско време да се реши прашањето со Грција, 17 отсто дека тоа треба да се решава во иднина, а 44 отсто сметаат дека прашањето требало да се реши и многу порано.
Ваквите ставови ги имаат предвид и околу 30 политички партии, кои синоќа на заедничка средба преку прифаќање на неколку заеднички принципи се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот.
„Политичките партии кои се обединија околу основните принципи, согласни се дека македонско-грчкиот договор ги отвора вратите на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Партиите сметаат дека секој граѓанин со право на глас треба да преземе одговорност, да излезе и да гласа афирмативно на претстојниот референдум“, се вели во соопштението.
Повеќе на темата:
-Анкетите откриваат трендови за референдумот, но појасна слика - во септември!
-Референдум: „за“, „против“ или бојкот?
-Јавната пропаганда за референдумот оставена без правила
На средбата било договорено партиите да го задржат правото да водат сопствени јавни комуникации поврзани со референдумот, кои може да се индивидуални и независни или во рамки на други коалиции. Во обраќањето до нив, претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, изјавил дека со решавањето на билатералното прашање со Грција, повеќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, а се отвораат големи перспективи за државата.
„Успехот на референдумот значи изградба на европска Македонија. Јас сум убеден дека мнозинството граѓани што ги претставуваме и кои ни ја доверија одговорноста да ја водиме државата, ќе ја исполнат својата граѓанска должност, ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за европска Македонија“, изјавил Заев.
Партиите остануваат отворени во ова натпартиско движење да се вклучат и други политички партии, граѓани, граѓански здруженија или други организации кои се согласни да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат на престојниот референдум, поддржувајќи го членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
Чија излезност?
Поддршката за членство на Македонија во ЕУ и НАТО отсекогаш бележела високи проценти. Но, според анкетата на ИРИ, таа дополнително се зголемила во изминатите месеци. Сега 83 отсто од испитаниците даваат поддршка за влез во ЕУ, додека лани во март таа поддршка изнесувала 72 отсто. За влез во НАТО поддршка сега даваат 77 отсто, а пред една година била 71 отсто.
Дали во овие проценти се крие потенцијал за поголема излезност, ќе покажат и анкетите непосредно пред денот на плебисцитарното изјаснување. Од друга страна, според Спасов, треба да се има предвид и дека во истражувањата на јавното мислење учество прифаќаат оние кои имаат интерес и кои почесто следат политика.
„Тоа е група, која исто така, е поверојатно да гласа на избори, или во случајов - на референдум. Тоа влијае на резултатите од истражувањата кои проектираат излезност која е повисока од реалната. Второ, излезноста која ја гледаме во анкетите е од оние гласачи кои се во земјата, односно се исклучуваат сите на избирачкиот список кои се отсутни или иселени. Па така, во одредени истражувања во предизборието ќе видиме излезност и од 80%, нешто што секако не е реално и никогаш не се случило. Можеби излезноста на оние кои на денот на изборите се присутни во земјата е 80%, но не од формалниот избирачки список според кој се мерат конечните резултати“, укажува Спасов.
Премиерот Заев изрази уверување дека бројките ќе растат, но и надеж дека и опозицијата ќе биде позитивна, бидејќи и таа е за членство на Македонија во ЕУ и за НАТО.