Протести спроти инаугурацијата на Трамп
20 јануари 2017Вечерта спроти стапувањето на должност на новиот американски претседател илјадници луѓе во Њујорк, но и во Вашингтон, гласно демонстрираа против мултимилијардерот Доналд Трамп. Во Њујорк демонстрантите се собраа пред зградата Трамп во близина на Централ парк. Меѓу нив имаше и бројни политичари, како градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, но и прочуени холивудски актери како Роберт де Ниро, Шер, Алек Болдвин, Сели Филд, Марк Рафало.
„Утрешниот ден не е крај, туку почеток“, изјави Де Блазио пред насобраните демонстранти. „Ние немаме страв од иднината“, изјави градоначалникот на Њујорк, деклариран противник на Трамп особено околу прашањето на доселувањето. Демонстрантите и говорниците постојано укажуваа на тоа дека Трамп на изборите во ноември не го добил мнозинство гласови од граѓаните, туку од електорите. „Ние сме мнозинство“, порача режисерот Мајкл Мур, истакнувајќи: „Тој нема да остане на власт четири години“.
Актерот Роберт де Ниро, кој исто така им се обрати на демонстрантите, истакна дека Трамп е лош пример како за земјата, така и за Њујорк.
Протести против Трамп инаку се одржаа и во Вашингтон, каде во судир меѓу полицијата и демонстрантите беше повредено најмалку едно лице.
На отворањето на прочуениот филмски фестивал Санденс во сојузната држава Јута, актерот Роберт Редфорд изјави дека ќе има „движење“ против кратењето на издатоците кое го најави Трамп. „Фестивалот не е политичка манифестација, претседателите доаѓаат и заминуваат - ние се концентрираме на приказните раскажани од уметниците“, порача Редфорд.