Протести против Иванов на улиците на Скопје
13 април 2016
Илјадници граѓани вечерва протестираат низ улиците на Скопје против одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да прогласи општа амнестија за актуелни и поранешните функционери осомничени за кривични дела.
Според повеќе извештаи од теренот, полицијата веќе уапсила десетина демонстранти кои ја демолирале канцеларијата на Иванов во центарот на градот. Има повредени и новинари и фоторепортери.
Протестот на граѓаните започна во 18 часот пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство, на кое му беше изразено поддршка за работата. Оттаму демонстрантите продолжија пред канцеларијата на претседателот на државата кон која беше фрлано со јајца, камења и димни бомби. Повеќе прозорци на канцеларијата се искршени. Демолирани се прозорци и на зградата на Министерството за правда.
Се бара оставка од Иванов, се скандира „Нема правда, нема мир“.
Пробивајќи го полицискиот кордон демонстрантите оттаму се упатија пред Собранието каде паралелни контра-протести одржуваа стотина приврзениците на ГДОМ. Тие протестираа против аболицијата за Заев и Верушевски, но во меѓувреме го префрлија својот протест пред седиштето на СДСМ.
Група демонстранти се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и пред Собранието во обид да се упатат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но беа одбиени од полицијата.
Забележливо е масовно присуство на полицијата на речиси сите улици и објекти околу Собранието.
Група граѓани попладнево протестираа и во Битола пред канцеларијата на Иванов, чии прозорци исто така настрадаа од јајца.