1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести и 10.000 крофни за Барак Обама

Сабине Кинкарц/Ж.А.24 април 2016

Политика и економија на највисоко ниво: деновиве во Хановер на отворањето на најпознатиот саем ќе се најдат водечките државници од западниот свет. Но, сите очи се вперени во високиот гостин од САД: Барак Обама

https://p.dw.com/p/1IbOM
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Mayo

Хановер во принцип е мирен град: половина милион жители на долносаксонската метропола единствено за време на отворањето на пролетниот индустриски саем мора да се прилагодат на мешаницата и доаѓањето на преку 200.000 посетители, колку што редовно пристигнуваат на најголемиот саем на индустријата во светот. Но, годинава во градот ќе биде уште поживо, а сообраќајните ограничувања уште поголеми. Првпат земја-партнер на саемот во Хановер се САД и за таа прилика на отворањето (24/25.04.2016) доаѓа лично претседателот на „најголемата демократија во светот“. За Барак Обама ова е последна службена посета во својство на претседател на САД.

Schloss Herrenhausen Hannover
Дворецот Херенхаузен кај ХановерФотографија: picture-alliance/dpa/H.Hollemann

Економски и политички самит

Гостинот од Вашингтон го покани канцеларката Ангела Меркел, која Обама и бројната стопанска делегација ќе ги дочека денеска (24.04.2016) напладне. До вечерта, кога е планирано свеченото отворање на саемот, нема да се разговара само за економијата, туку и за политика. Со оглед што Хановер за оваа пригода, всушност како и секогаш кога доаѓа висок по ранг гостин од другата страна на Атлантикот, е претворен во безбедносна тврдина, домаќините ја искористија приликата во Хановер да повикаат и други челници на западни земји. Така во покраинската метропола освен Меркел и Обама, ќе бидат пречекани и челниците на Франција, Велика Британија и Италија.

Deutschland Hannover Proteste gegen TTIP
Десетици илјади демонстранти во Хановер против ТТИПФотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

Но, пред Меркел, Обама, Оланд, Камерон и Ренци в понеделник да се сретнат во барокниот дворец Херенхаузен за на „мини самит“ да разговараат околу горливите политички теми како бегалската криза, ќе се дискутира за економијата. Се разбира, главна тема е Трансатлантскиот трговски и инвестициски договор ТТИП. Стопанственици и интересни, лоби групи од двете страни на Атлантикот инсистираат на забрзување на преговорите за овој договор, кои во последно време запнаа.

Peter Anton, „Donut Sampler“
Крофни во чест на Барак ОбамаФотографија: DavisKlemmGallery

Крофни за утеха

Но, отпорот меѓу населението постојано се зголемува. Таа порака на политичарите во Хановер сакаат да им ја испратат и неколкуте десетици илјади демонстранти. Претседателот на една од организациите-организатори на протестите, синдикатот на вработените од јавниот сектор Верди, Франк Бзирске, смета дека Хановер е вистинско место за на Меркел и на Обама јасно да им се каже дека народот е против ТТИП. Времето за политичарите истекува, зашто, според проценката на аналитичарите, по заминувањето на Обама од Белата куќа, преговорите околу ТТИП сигурно ќе стагнираат.

Жителите на Хановер меѓутоа моментно повеќе ги мачат безбедносниѕе мерки, кои го парализираа градскиот живот. Кон тоа не помагаат ни 10.000 крофни, донатс, колку што во чест на американскиот претседател и со цел барем малку да им ги „засладат“ маките на жителите на градот, ги подари управата на Саемот. Градот ќе остане блокиран до понеделник доцна попладнето, кога политичкиот врв на западниот свет од аеродромот ќе се врати во татковините. А Хановер пак ќе се врати кон своето секојдневие.