Москва ги разгорува конфликтите на Балканот
10 ноември 2017Хрватските медиуми се во занес: руски производител на оружје го развил снајперот „СВЛК-14 Самрак“, кој успеал да погоди цел на оддалеченост од 4.210 метри поставувајќи светски рекорд. За кавгата околу откажаната испорака на францускиот носач на хеликоптери „Мистрал“ на Русија, српските медиуми информираат дека Русија развила нов воен брод „Прибој“ кој е далеку подобар од францускиот. Изворот на овие вести за моќната руска воена технологија е агенцијата „Спутник“.
За разлика од САД и ЕУ кои ги прогласија Спутник и неговиот брат РТ (некогашна Раша Тудеј) за опасни пропагандни инструменти на Русија, Москва тврди дека се работи за сериозни извори на инфомации. Освен на германски и англиски, овие медиуми објавуваат текстови и на српски и хрватски јазик. Весници и интернет-портали од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија го преземаат бесплатниот материјал редовно и честопати без измени и без објаснување. На тој начин позициите на Москва добиваат се поголема публика меѓу граѓаните на Балканот.
Критичарите на Русија тврдат дека таа на овој начин сака да воспостави баланс во однос на Брисел и Вашингтон и го следи рецептот „подели, па владеј“. Според нив, известувањето од Москва ги разгорува конфликтите: Србите против Хрвати, Албанци против Срби, Срби против Македонци... Москва се обидува преку демонизација на ЕУ и НАТО да го спречи приближувањето на овие земји кон евроатлантските интеграции- како неодамна во случајот на Црна Гора и Македонија.
„Доколку Босна пропадне, нема само Србите да добијат сопствена држава - таква шанса ќе имаат и Хрватите“, гласеше насловот на Спутник пред две недели, потпалувајќи го на тој начин и онака растечкиот националистички конфликт во малата балканска држава.
Пари од ЕУ, влијание од Москва
Иако Западот во последните две децении им помогна на балканските држави со милијарди евра, Москва мудро си обезбедува зголемено економско влијание. Русија со политичка помош успеа да ја купи нафтената индустрија во Србија и кај босанските Срби и на тој начин таму ги диктира пазарните услови. Во Хрватска руските банки - во прв ред Сбербанк - му даваа кредити на сега веќе банкротираниот Агрокор и откако западните институциите тоа престанаа да го прават. Пред извесно време рускиот претседател Владимир Путин разговараше со својата хрватска колешка Колинда Грабар Китаровиќ за излез од спорната ситуација. Првиот човек на рускиот енергетски гигант Роснефт, Игор Сечин ги наелектризира хрватските медиуми со неговата понуда Хрватска да стане стратешки партнер на гигантот.
Голем успех неодамна постигна рускиот амбасадор во Србија, Александер Чепурин. Преку Спутник тој се шегуваше со изјавите на американскиот дипломат Хојт Брајан Ји. Ји ја предупреди Србија дека не може да седи на две столчиња, меѓу ЕУ и Русија. Американскиот дипломат е „75-ти заменик на 24-от помошник на американскиот министер за надворешни работи“, и затоа не го земајте сериозно, рече Чепурин. Неговата изјава се најде на насловните страници на речиси сите српски медиуми, го пренесоа и агенцијата Танјуг, телевизијата Н1, државниот јавен сервис, порталот Б92 и многу други.