1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пронајдена шпионската картичка на Путин во Штази

БГ
12 декември 2018

Пропусницата, која пред повеќе од три децении му била издадена на актуелниот руски претседател од страна на источно-германската тајна служба Штази, била пронајдена во архивите во Берлин. Тој сепак не работел за Штази

https://p.dw.com/p/39v7E
MfS-Hausausweis von Wladimir Putin
Фотографија: BStU, MfS, BV Dresden, Abt.KuSch, Nr 7216

Пропусницата на Путин му била издадена во 1986 година во време кога како средно-рангиран шпион на советската КГБ бил стациониран во Дрезден, во тогашна комунистичка Источна Германија. Во архивите стоела најмалку од 1990 година, кога двете Германии повторно се обединија.

Била пронајдена од американскиот историчар Даглас Селвиџ, а во вторникот, германскиот таблоид Билд помпезно ја најави како доказ дека Путин работел и за Штази.

Веднаш над серискиот број Б 217590, картичката е потпишана од Путин, а од десната страна е негова црно-бела фотографија. На задната страна, печатите покажуваат дека тој ја користел истата до крајот на 1989 година, кога масовните протести веќе го запечатуваа крајот на Источна Германија.

Германското биро задолжено за архивата на Штази во изјава соопшти дека во тоа време било вообичаено агентите на КГБ да добиваат и пропусници од тајната служба на братската држава, со цел да им се олесни движењето низ земјата.

„Тоа им овозможувало на претставниците на КГБ да имаат пристап и до регионалните канцеларии на Штази. Тоа важело и за Владимир Путин, кој тогаш работел за КГБ во Дрезден. Нема докази дека Путин работел и за Штази“, се вели во изјавата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков во вторникот изјави дека нема ништо невообичаено во тоа што Путин поседувал таква пропусница.

„Како што е добро познато од времето на постоењето на Советскиот сојуз, КГБ и Штази беа партнерски разузнавачки служби и оттука не може да се исклучи размена на такви пропусници“, рече Песков.

Путин работел за КГБ во Дрезден од 1985 до 1990 година.

По падот на Берлинскиот Ѕид во 1989 година Путин, кој тогаш имал ранг на мајор, изјави дека морал да го извади својот пиштол за да сопре маса луѓе да влезат во неговите канцеларии во Дрезден и да ги уништат документите. Тактиката успеала.

За време на престојот, задачата на Путин, кој течно зборува германски, била да регрутира информанти и притоа бил на двапати унапреден. Пред да замине, Путин вели дека тој и други агенти уништиле огромно количество тајни документи.

По враќањето во Русија, Путин застана на чело на ФСБ, наследникот на КГБ, а потоа беше избран и за претседател во 2000 година.