Проблем е грчкиот менталитет
8 јули 2015На универзитетот во Атина е време за испити. Студентите по економија се нервозни, но не само поради испитите. Тензичната состојба во Грција ги загрижува. Многумина стравуваат дека по дипломирањето нема да најдат работа дома. Студентката по економија, Георгие Мега, вели:
„Да бидам искрена и јас размислувам да ја напуштам земјата. Не сакам да си одам, сакам овде живеам и работам. Ќе се обидам, но ако не успеам, отворена сум за се‘.“
Во Грција мора да се променат многу работи, сметаат голем дел од студентите. Да се плаќа данок мора да биде исто толку разбирливо само по себе како и тоа службениците да си ја вршат работата без да бараат мито.
„Не се работи за грчката криза, за грчкото стопанство, туку за грчкиот менталитет и нашата култура воопшто. Тоа не може да се промени со помош на ЕУ, ММФ или со сегашната влада“, уверена е студентката по јавна адмниистрација, Филија Гергуди.
Погледнете го видео прилогот на оваа тема:
Други пак се решени да останат во земјата, сеедно што ќе се случи. Во центарот Оринџ Гроув се среќаваат т.н. „старт апс“, односно млади грчки претприемачи. Во меѓувреме овде работат 88 фирми, иако центарот е основан пред само година и половина.
Јанис Зараз е еден од нив. Неговата онлајн платформа „Биг Олив“ нуди тематски туристички тури во Атина. Тој претходно живеел во Шведска и Шпанија, но сакал задолжително да се врати дома.
„Верувале или не, но една приватна иницијатива во Грција може навистина да се исплати, затоа што сум флексибилен и имам предности. Овде има уште толку многу потенцијал. Така беше и со мене, донесов свесна одлука да се вратам. Ми се допаѓа овде.“
Центарот е основан на негова иницијатива. Тука редовно на работа доаѓаат 140 луѓе. Јан Верстеег, холандски амбасадор во Атина, нагласува:
„Во невообичаени времиња се потребни невообичаени иницијативи. Во Европа има толку многу меѓусебни предрасуди. Затоа ние сакавме тоа позитивно да го промениме.“
Радосно расположение и покрај мизеријата во земјата. Младите претприемачи се надеваат дека уште поголем број млади ќе се одлучат да основаат фирми во Грција.