Притворен екс-шефот на Вајакард
23 јуни 2020Браун синоќа самиот се пријавил кај обвинителството во Минхен, соопшти тамошната канцеларија утрово. Тој денеска ќе биде изведен пред истражен судија, кој ќе донесе одлука за должината на притворот. Браун во петокот поднесе оставка поради скандалотоколу снемувањето на 1,9 милијарди евра од билансот на компанијата. Според наводите од фирмата, оваа сума претставува околу една четвртина од нејзиниот биланс.
Обвинителството од Минхен уште вчера кај надлежната истражна судијка во судот во Минхен доставило барање за притвор на Браун, по што тој вечерта самиот се пријавил.
Обвинителството го товари Браун дека заедно со други соучесници извршил фалсификување на билансната сума на Дакс-концернот, прикажувајќи надуени приходи. Целта била концернот да биде претставен финансиски посилен од реалното и на таков начин да биде поатрактивен за инвеститорите и клиентите. Во фокусот на истрагата се наводните банкарски депозити од 1,9 милијарди евра во две филипински банки. Раководството на Вајаркард во понеделникот призна дека овие депозити веројатно воопшто не егзистираат. Обвинителството во Минхен поради тоа го товари Браун за невистинити податоци и за повеќекратна манипулација на пазарот.
Компанијата Вајакард во 2018 година по пазарната капитализација ги надмина гигантите како Дојче банк и Комерц банк и е излистана во индексот на франкфуртската берза Дакс. Во моментот на воведувањето на Вајакард во индексот Дакс во септември 2018 година, пазарната капитализација изнесуваше 23 милијарди евра, а на Дојче банк20,5 милијарди евра. Вајакард е основана во 1999 година во предградие на Минхен, а се специјализираше за дигитални плаќања. Вредноста на акцијата на компанијата како последица на скандалот падна за повеќе од 70 проценти во текот на минатата недела.