Пристап до интернет и во затворите
31 јули 2013Тој што служи затворска казна е отсечен од останатиот дел од светот. Контактот со луѓе надвор од затворот е строго регулиран. Од 1998 година во германските ќелии затворениците можат да имаат телевизор. И правилата за телефонирање се олеснети. Но, кога е во прашање користењето на интернет, тука се’ уште се водат борби. Имено, интернет има во затворите, но пристапот е ограничен. Во некои германски покраини, затворениците можат да го користат. На пример, во градот Гера во Тиринген.
Тука на затворениците им е овозможено да гледаат одредени содржини на интернет, на пример страници кои можат да им бидат од помош кога ќе излезат од затвор. „Страниците кои се дозволени служат за ресоцијализација и затоа може да се посетат страниците на Заводот за вработување и страници на кои се нуди помош за осудениците“, велат од министерство за правда во Тиринген.
Линковите за други страници не функционираат, исто како што не може да се видат ни смешни видеа на ЈуТјуб, а социјалните мрежи се табу тема. Во поединечни случаи дозволено е користење на електронска пошта, но тоа детално се контролира.
Специјален компјутер за затворска ќелија
Потребната технологија за контролиран пристап до интернет е од една фирма од Хамбург, која е специјализирана за системите во затворите. Нивната филозофија гласи: „Комуникацијата и информациите се основни човечки потреби, кои ни во затворите не треба да бидат привилегија“.
Таа фирма произведува таканаречен „мулти-систем“: компјутер преку кој може да се слуша радио и да се гледа телевизија, да се телефонира, а може и ограничено да се пристапи до интернет. Што се гледа и користи на тие уреди, затворската управа детално следи.
Од почетокот на јуни затворот во Гера спроведува пробна фаза на тие уреди, уште два затвора во Тиринген во меѓувреме опремија неколку ќелии со специјалните компјутери. Во едниот од затворите се размислува дури и на тоа да се направат посебни работни места со тие уреди, на кои на располагање би имало и ограничен пристап до интернет. На тој начин, затворениците можат да завршат студии, доколку тоа го сакаат.
Брзо враќање во нормален живот
Херберт Виндмилер е шеф на одделението за извршување на затворските казни во министерството за правда во Тиринген. Тој се залага за овој проект, бидејќи дигиталната ера носи со себе, големи и брзи промени во општеството, кои затворениците немаат можност да ги следат. „Сметам дека е тоа голем проблем. Кога еден затвореник отслужува долга казна, се враќа во општество во кое му е тешко да се снајде“, вели Виндмилер. „Затоа и за интернетот треба да важи одредбата за прилагодување“.
Таа одредба постои во Законот за извршување на затворската казна. Во истиот се наведува дека условите во затворот, треба да бидат прилагодени со оние во „надворешната околина“. Замислата е дека затворениците можат многу полесно да се снајдат во нормалниот живот, доколку за време на казната се прилагодуваат на условите во нормална средина. Интернетот не може да биде изоставен во таа смисла. Се повеќе германски покраини им овозможуваат ограничен пристап до интернет на своите затвореници.
Пронајдени педофилски содржини
Во Северна Рајна Вестфалија не сакаат да одат предалеку, бидејќи во таа покраина веќе имаат негативни искуства. Детлеф Фејге од тамошното министерство за правда како пример го наведува затворот во Гелдерн. Во затворскиот центар порано било овозможено студирање на еден дописен универзитет. Тоа се укинало во 2006 година, бидејќи како што вели Фејге, имале случаи каде „во сите компјутери кои ги користеле затворениците бил пронајден недозволен хардвер и софтвер, кој овозможувал нелегално симнување на филмови и музика“. Во еден од тие компјутери дури имало и повеќе фотографии со детска порнографска содржина.
После овие случаи во Северна Рајна Вестфалија на сила е строга забрана за пристап до компјутери во затворите. „Користењето на компјутери во затвор носи безбедносни ризици, посебно на полето на онлајн криминалот“, наведува Фејге, додавајќи дека притоа ниту ИТ експертите не можат да бидат од помош.
Прошверцувани мобилни телефони
Затворениците, меѓутоа, и покрај забраните, секогаш наоѓаат начини како да дојдат до интернет. Најчесто се наоѓаат начини како нелегалено да се внесе смартфон. Службеникот во министерството за правда Херберт Виндмилер знае за случаи во кои такви телефони се фрлани преку затворските ѕидови. И Детлеф Фејге знае за тие трикови: „На некои им успеа со помош на прошверцуваните телефони да стават видеа на интернет“.
Меѓутоа, не сите затвореници вршат криминал, кога седат пред компјутер. Многу од нив сакаат само да имаат можност да се информираат или да одржуваат контакт преку електронска пошта со пријателите или членовите на фамилијата.
Германската покраина Северна Рајна Вестфалија е барем за едно прашање наклонета кон интернет во затворите: во Келн се одржуваат компјутерски курсеви за долгогодишните затвореници, во чии рамки затвореници кои се „офлајн“ учат да користат интернет - за да не бидат потполно неуки, во моментот кога ќе се најдат на слобода.