1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионирањето пријатели, за жал, е нормално

1 јуни 2021

Данска ѝ помогнала на американската тајна служба НСА да шпионира германски политичари. Оној којшто се чуди поради вакво нешто, е наивен. Зашто, крунски сведок за ваквите практики има одамна, коментира Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/3uFa3
NSA Symbolbild
Националната безбедносна агенција на САД има обврзано голем број тајни служби на соработкаФотографија: picture-alliance/dpa

Сега и Данска е на неофицијалната листа на оние кои официјално пријателските земји најверојатно ги третирале непријателски. Северниот сосед на Германија најверојатно ѝ помогнал на американската тајна служба НСА во периодот 2012-2014 година да ја надгледува електронската комуникација на политичката проминенција: германската канцеларка Ангела Меркел, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер (во меѓувреме Сојузен претседател) и кандидатот на социјалдемократите за канцелар за изборите во 2013 година, Пер Штајнбрик.

Одамна е познато дека Меркел и Штајнмајер во тоа време биле во визирот на НСА. Познато е благодарение на Едвард Сноуден. Неговите откритија предизвикаа запрепастеност во 2013 година. Дека и тајните служби на демократските држави не се безопасни пејачки групи, беше јасно отсекогаш. Но размерите на безобѕирноста и бескрупулозноста ги вџашија дури и високите политичари, како жртвата на НСА, Ангела Меркел. Нејзината изјава„Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“,одамна е станата крилатица. Зашто, во реалноста оди сѐ, шпионажата не познава граници, ниту географски ниту морални.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Тајните служби мора да се контролираат повеќе

Можеме и треба и натаму да сме огорчени од тоа колку свој засебен живот си водат НСА, германската БНД и слични на нив тајни служби. Но, најдоцна од откритијата на Сноуден ваквата разбирлива човечка реакција изгледа наивно. Многу поважно би било оние кои носат политичка одговорност во Германија, Данска и другите земји каде постои поделба на власта, конечно подобро да ги контролираат тајните служби. Но, за такво нешто одвај дека може да стане збор.

Во Германија парламентарна истражна комисија со години се занимаваше со НСА/БНД скандалот, но резултатот беше скандалозени засрамувачки. Имено, реформата резултираше со легализирање на илегалната пракса на прислушување, која стана позната дури преку Сноуден. За среќа, човек може да се потпре на Сојузниот уставен суд, кој во 2020 година му стави крај на ова блефирање.

Скандал: Сноуден во руски егзил

Оној кој сака да разбере како САД, Германија и демократска Европа пулсираат во врска со темата тајни служби, треба само да погледне каква судбина има свиркачот Едвард Сноуден. Тој од своите откритија живее во егзил во Русија. Тоа што владетелот во Кремљ и поранешен офицер во советската тајна служба КГБ, Владимир Путин, мора да го заштитува Сноуден, е и останува доказ за неспособноста на целиот Запад.

И, за жал, ништо, ама ништо не зборува во прилог на тоа дека тука нешто ќе може да се промени. Зашто, противниците на 37-годишниот Американец од оваа и од онаа страна на Атлантикот се единствени - тој во нивните очи е предавник. Ваков став имаше уште поранешниот американски претседател Барак Обама, во чиј мандат се случија откритијата на Сноуден. И актуелниот претседател Џо Бајден го дели тоа мислење.

Неопходна е промена

Од страна на Ангела Меркел, Франк-Валтер Штајнмајер и другите германски жртви на НСА не се слушнати вакви критики за свиркачот, но затоа се слушнати од контроверзниот поранешен претседател на германска разузнавачка служба, Ханс-Георг Масен.

Луѓето како него и нивната слика за тајни служби кои се прилично надвор од контрола, е она што ја попречува решителната промена на климата во ова милје. Сѐ додека тие имаат доволно поддршка од законодавецот и владите, така и ќе остане. И, дури откако тоа ќе се промени, еден Едвард Сноуден може да се надева дека ќе може да го напушти својот сомнителен егзил во Русија.