1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приказна без крај

Ж. Ацеска /дв/дпа/дапд/ афп19 септември 2012

САД и натаму се под вкрстен оган поради антиисламскиот филм. Американскиот претседател Обама од муслиманските лидери бара подобра заштита на американските објекти. Египет бара испорака на осомничениот режисер на видеото.

https://p.dw.com/p/16BKG
Фотографија: dapd

Американскиот претседател Барак Обама поради континуираните протести против антиисламското видео, произведено во САД, од водачите во исламскиот свет побара американските институции да бидат подобро заштитени. САД очекуваат соработка во обезбедувањето на сигурноста на американските државјани, изјави Обама за ТВ Си-Би-Ес.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Му н при отворањето на 67-то Генерално собрание во Њујорк апелираше до лидерите во целиот свет да упатат смирувачки пораки.

Каиро издаде налог за апсење против осомничениот режисер

Египетското судство пак, најави дека сака да го изведе пред суд осомничениот режисер на видеото во кое се навредува пророкот Мухамед. Државниот обвинител во Каиро издаде налог за апсење и бара негово испорачување. Поради навреда на исламот, освен тоа, се планира процес против седуммина други учесници во снимањето на видеото. Според обвинителството, се работи за еден американски проповедник кој сее омраза и шест коптски христијани од Египет, кои живеат во странство. На сметка на обвинетите се ставени дела како нанесување штета на националното единство, навреда на исламот и јавни напади и ширење лажни информации. На обвинетите им се закануваат смртни казни.

Indien Proteste gegen Anti Islam Film
Фотографија: REUTERS

Блокирани веб страници

Саудискиот крал Абдула Втори во меѓувреме нареди блокирање на пристапот кон сите веб страници на кои може да се види спорното видео. Страницата на видеоплатформата Јутјуб од Саудиска Арабија вчера исто така беше недостапна. Претходно, саудиската кралска куќа испрати барање до Гугл со кое од сопствениците на Јутјуб се бара „сокривање“ на сите линкови кон видеото. По насилството во Либија и Египет, Гугл во овие две земји, како и во Индонезија и Индија, веќе го запре пристапот кон антиисламскиот филм. И Русија размислува околу слична мерка.

Сатиричен магазин со карикатури на Мухамед

Францускиот сатиричен магазин „Шарли Хебдо“ во денешното издание објави повеќе карикатури на пророкот Мухамед. Тие ќе ги „шокираат оние кои сакаат да бидат шокирани, ако читаат магазин кој инаку никогаш не го читат“, изјави карикатуристот и директор на неделното списание Шарб за француската телевизија. Утрово, веб страницата на неделникот е недостапна, но не се знае дали се работи за хакерски напад на радикални исламисти или нешто друго. Редакцијата засега не дава никакви изјави.

Францускиот премиер Жан Марк Еро се изјасни „против секој ексцес“ и повика на одговорност. Раководителот на најголемата џамија во Париз Далил Бубакер повика на мир и побара „да не се долева масло на огнот“. Францускиот совет на муслиманите исто така изјави стравување и загриженост поради објавување на „навредувачки карикатури“. Во ноември 2011. година просториите на „Шарли Хебдо“ беа запалени, откако магазинот објави карикатура на пророкот Мухамед на насловната страница.