Признание за Гренел поради договорот Белград-Приштина
25 декември 2020Американскиот претседател Доналд Трамп го одликуваше специјалниот претставник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, со Медал за национална безбедност, како што се наведува, поради исклучителен придонес кој овозможил потпишување на историскиот договор за економските односи меѓу двете страни.
Во образложението кое го објави Гренел на Инстаграм, покрај фотографии од церемонијата на одликувањето, се наведува дека овој договор е важен чекор кон изградба на помирна, побезбедна и попросперитетна Европа и оти претставува најзначаен дипломатски чекор кон крајната цел за повеќе од 25 години.
„Придонесот на амбасадорот Гренел во постигнување на овој историски дипломатски напредок во Србија и на Косово ќе доведе до посветла иднина за милиони луѓе“, се додава во образложението.
Повеќе:
-Србија и Косово со посредство на Трамп ги нормализираа економските односи
-Србија - Косово: Историските амбиции на Трамп
Се потсетува и дека со договорот Белград и Приштина ги обновиле директните воздушни, железнички и патни врски, како и клучни инфраструктурни проекти потребни за олеснување на економскиот раст и благовремен превоз на стока и луѓе. Се потсетува дека Гренел е еден од клучните советници на Трамп и оти се издвоил како еден од најдобрите дипломати во САД и стручњаци за национална безбедност. „Неговите придонеси за постигнување мир и просперитет беа револуционерни и тие се лично негова заслуга и на САД“, се додава во текстот.
Гренел наведе оти тоа за него е голема чест, особено бидејќи доаѓа од претседателот Трамп кој, како што нагласи, користел дипломатија да донесе мир во светот. „Тој не започна нови војни, ги донесе американските војници дома, ја унапреди американската војска - и уште потпиша мировни договори“, нагласи Гренел на Инстаграм.