„Пржинска влада“, но и гаранции за успешен референдум!?
23 јули 2018Владејачкиот СДСМ бил подготвен на согласност за законски измени, со кои следните избори ќе се спроведуваат со техничка влада целосно идентична на моделот на „пржинската“, но доколку и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да даде гаранции дека јавно ќе ги повика граѓаните да излезат на референдумско изјаснување, со цел процесот да биде успешен од аспект на обезбедување на неопходниот цензус.
Според неофицијални извори во владејачкото мнозинство, наводно, ова би била една од можните и последни понуди на лидерот на СДСМ на денешната лидерска средба (Заев-Мицкоски-Ахмети-Касами), на која се прават финални обиди за надминување на пречките за избор на нов состав на ДИК, кој треба да го организира и спроведе референдумот.
Истите извори, не исклучуваат дека во тој контекст може да има и други „варијации“ понудени од страна на Заев, сѐ со цел да се зајакне мотивацијата за успешен референдумски процес.
„Целта е на граѓаните да им се овозможи да го искажат нивниот став, и исходот од рефрендумот да биде израз на слободно изразена граѓанската волја. Од друга страна, со техничката влада по пржински модел и опозицијата би ги добила бараните гаранции за фер-изборен процес, кога и да се одржат тие, односно, без разлика дали станува збор за предвремени или за редовни избори“, велат од владејачкото мнозинство.
Се, само амнестија - не!
Според истите извори, она што СДСМ сигурно нема да го прифати, е барањето за индиректна амнестија, кое се наметнало откако ВМРО ДПМНЕ доставила предлози за измена на Кривичниот законик во членот 353 за намалување на казните за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Доколку тоа барање се прифати, лица опфатени во дури 11 предмети на СЈО би биле автоматски амнестирани. Таква отстапка би значела уривање на правната држава, промовирање на неказнивост за дела од висок политички профил, охрабрување на криминалот, и што е недозволиво - ќе предизвика огромно разочарување кај граѓаните кои очекуваат сите да бидат еднакви пред законот. Таква отстапка, СДСМ не може, не смее, и нема мандат да направи“, објаснуваат од владејачкото мнозинство.
Истиот став се однесува и кон бараните измени на членот 165-а кој се однесува на „злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“.
Повеќе:
Македонски апсурд: Голем исчекор надвор, големи опструкции внатре
Во ВМРО-ДПМНЕ негираат дека на маса има барања за каква било амнестија и таквите наводи ги сместуваат во сферата на „манипулации“. Запрашан какви се очекувањата од денешната лидерска средба, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера одговори: „Очекуваме најпрво да престанат манипулациите и оркестрираната кампања која што ја води СДСМ и власта кон опозицијата, односно кон нас ВМРО-ДПМНЕ, што ни се случува деновиве по медиумите. Очекуваме да се утврдат сите механизми за заштита на волјата на граѓаните. Исто така, очекуваме конечно Заев и господата од власта да прекинат да ги менуваат секојдневно ставовите и да почнат да се однесуваат согласно Уставот и законите, а не да се однесуваат насилно како тоа што го прават досега, што можеше да го види целата јавност и медиумите“.
Важноста на европскиот пат
Она што во моментов е извесно, е дека под лупа на домашната, но и на меѓународната јавност ќе биде ставен односот на партиите кон претстојниот рефрендум, со кој граѓаните треба да одлучат дали Македонија ќе го продолжи патот кон ЕУ и НАТО, пат кој сега е деблокиран преку постигнатиот Договор со Грција. Значењето на интеграциските процеси за Македонија се очекува да им биде јасно презентирано на граѓаните, не само од домашните партиски раководства, туку и од политичари од ЕУ.
Во таа насока, прв кој денеска пристигнува во Македонија е државниот министер надлежен за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот. Тој попладне (16.30) ќе има средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по што во 17.30 часот ќе имаат заедничка прес-конфренција. Како што е најавено од македонското МНР, на средбата „ќе се разговара за последните активности кон реализација на надворешно политичките приоритети на Република Македонија, и за претстојните чекори за целосна имплементација на постигнатиот Договор за решавање на билатералниот спор со соседна Грција“.
Повеќе:
Рот во понеделник во Скопје- тема референдумот
Рот утре ќе се сретне и со премиерот Заев. Тој во Скопје пристигнува по посетата на Тирана, каде упати апел до албанските политичари да ја преземат одговорноста што им припаѓа, и да не го попречуваат членството во ЕУ. По средбата со министерот за надворешни работи, Дитмир Бушати, Рот посочи дека во Албанија престојува за да ѝ честита на земјата за успехот, нагласувајќи дека таа е на добар пат кон ЕУ. Посебно го поздрави текот на процесот наречен „ветинг“, за прочистување на правосудните институции и полицијата од корумпирани лица и оние кои биле дел од криминални структури. Според него битно е да се подигне свеста кај политичките актери во Албанија за важноста на тој процес.