Претседателски кандидат во Бразил прободен со нож
7 септември 2018Жаир Болсонаро, кандидат на крајната десница на претстојните претседателски избори во Бразил, преживеа напад со нож во четвртокот, за време на митинг во градот Жуиз де Фора.
Видео кое циркулира на Твитер, објавено од повеќето бразилски медиуми, го покажува моментот кога неидентификувано лице го прободува политичарот во долниот абдомен. Нападот се случи додека кандидатот бавно се движење низ масата луѓе.
Второ видео, од друг агол, го покажува прободувањето и обидот на осомничениот да избега, но не успева да се истурка меѓу луѓето кои потоа го фаќаат и задржуваат.
Неговиот син, Флавио Болсонаро, на Твитер потврди дека политичарот е прободен. Тој беше извлечен од толпата и одведен во болница каде е опериран.
Трето видео го прикажува ранетиот политичар, кој е се уште жив, додека го внесуваат во возило.
Синот на кандидатот напиша емоционална порака на Твитер, информирајќи ги неговите следбеници за состојбата на татко му. „Тој изгуби доста крв, пристигна во болница... речиси мртов. Се чини дека сега се стабилизираше. Ве молам молете се!“
Осомничениот е уапсен
Портпаролот на локалната полиција за АП изјави дека напаѓачот е уапсен и идентификуван како Аделио Биспо де Оливеира. Портпаролот рече дека напаѓачот бил претепан од поддржувачите на Болсонаро. Според полициски информации, напаѓачот веројатно имал психички проблеми.
„Нашите агенти ми рекоа дека напаѓачот им тврдел оти е 'на мисија од Господ'“, пренесе еден полициски портпарол. „Впечатокот е дека не се работи за ментално стабилна личност“.
Претседателските избори во Бразил закажани за 7 октомври ќе бидат едни од најнепредвидливите во историјата на земјата. Својата кампања Болсонаро ја заснова на правна држава и анти-корупциска платформа.
Тој е доста критичен кон бразилската политичка елита, која е вмешана во серија корупциски скандали. Поради тоа го заработи прекарот „бразилскиот Доналд Трамп“.
Поддршката за поранешниот армиски капетан постојано расте, и со 22 процентна поддршка тој е лидер според анкетите.