Португалскиот предлог останува на сила
1 јули 2021„Прашањето за јазикот не е само одбрана на македонскиот, туку и на европскиот идентитет и вредностите што ги промовира ЕУ“, порача министерот за надворешни работи, Никола Димитров во Охрид, На меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, 20 години по потпишувањето на Охридскиот договор, како тема се наметнаа новите предизвици со кои се соочува земјата – бугарското вето, португалскиот предлог за решавање на спорот и препреките коишто се појавуваат на патот на македонската интеграција кон ЕУ.
Губење на довербата
По последните бранувања во јавноста, предизвикани од изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш дека „јазикот на Северна Македонија, некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров вели дека неприкосновено право на секој народ е правото на самоопределување и да го одбере јазикот на кој зборува.
„Тоа е право на луѓето што живеат тука, а не на друга држава или која било меѓународна организација. А прашањето за јазикот и оваа наша борба не е само одбрана на македонскиот идентитет, туку борба за зачувување на европскиот идентитет и вредностите што треба да ги предводи ЕУ“, порача Димитров пред учесниците на панелот посветен на пристапувањето во ЕУ.
-повеќе на темата: По Лисабон, македонските надежи свртени кон Љубљана
Според Димитров, Северна Македонија успеа да го реши долготрајниот спор за името токму затоа што Грција го призна и прифати правото на граѓаните на самоопределување. Но, сега земјата на патот на нејзината евроинтеграција се соочува со проблем што досега бил третиран како прашање од техничка природа. „ЕУ не е само економски гигант, туку водечки пример во наративот на вредности. Преку Лисабонскиот договор државите-членки на Унијата се обврзаа да ги штитат и негуваат јазичните и културните различности на континетот, така што не е европски сега да се соочуваме со пречка што досега беше третирана како прашање од техничка природа“, вели Димитров.
Две унилатерални изјави
Тој укажува дека најголемиот проблем што ЕУ го има по однос регионот денеска е губењето на довербата и вербата на луѓето од Западниот Балкан во декларациите и одлуките што ги носат европските лидери. Станува збор за регион што се наоѓа во дворот, а не на границите на ЕУ, што дава дополнителна тежина на проблемот со кој се соочува ЕУ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција во Охрид денеска повтори дека и натаму останува на сила португалскиот предлог, според кој прашањето за јазикот треба да се реши со две унилатерални изјави од страна на С. Македонија и од Бугарија. На оваа тема тој вчера разговарал и со португалскиот колега Аугусто Сантош Силва, кој му потврдил дека нема поместување во однос на позицијата на Португалија за решавање на спорот со Бугарија.
-повеќе на темата: Палмер и Рот со порака: ЕУ никогаш нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан
Со оглед на тоа дека станува збор за предлог на Претседателството на ЕУ, очекувањата се дека и Словенија во идните шест месеци ќе продолжи да бара решение за спорот во истата насока.
„Формулацијата за јазикот останува во преговарачката рамка, на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи за јазикот и С. Македонија би имала своја унилатерална изјава. ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес“, вели Османи. Тој прецизираше дека предлогот се состои во тоа што од С. Македонија се очекува да се потврди дека јазикот е кодифициран од 1945 година. Османи тврди дека за јазикот и за идентитетските прашања никогаш не се разговарало на билатерална основа со Бугарија. Во Софија станало збор само за Патоказот.
Не влегуваме во замки
„Ние не влегуваме во никакви замки поврзани со македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Од она јас што го имам видено идејата на унилатералните изјави за некои прашања вклучувајќи го и јазикот, е токму тоа да се укаже дека имаме различни ставови по одредени прашања“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ на прес- конференција на Преспа форумот во Охрид.
-повеќе на темата: Словенечко претседателство со ЕУ: Фокус на Западниот Балкан
Тој вели дека земјата нема да отстапи од својата позиција.
„За нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме и не знам која е точната формулација, до крај, меѓутоа во никој случај немаме право ниту можност да признаеме дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван во 1945 година и тоа е прашање на факт“, рече Маричиќ.