Препораката е убедлива, секое одложување од ЕУ би било нефер
30 мај 2019Чиста препорака, но несигурен датум за преговори. Признанието за сработеното од Европската комисија која препорача безусловен старт на преговарачкиот процес со Македонија може да стане горчливо ако Европскиот совет не го исполни она што го вети. Почеток на преговори и тоа во јуни. Колебањата кај дел од земјите членки во Европската унија е факт кој загрижува, но сепак тоа и не дефинира конечно дека одлуката е дефинитвна. Самитот допрва претстои, а со тоа и одлуките кои ќе треба да се донесат, за кои пак сега на маса земјите членки ќе имаат документ со нотиран напредок во сите критични области. Или онака како и што се бараше од земјата. Во вакви услови според дел од аналитичарите не е прашање што, туку кога може да се очекува:
„Препораките на ЕУ, поддржана со наодите од извештаите се убедливи, иако со нијанса различни за двете земји без никакви забелешки за Македонија, со забелешки кај Албанија. Сега големото прашање не е „што“ туку „кога“ можеме да очекуваме. Очекуваме Советот на ЕУ да ја задолжи Комисијата да подготви преговарачка рамка и да донесе одлука за одржување прва меѓувладина конференција. Според ланските заклучоци, таа конференција треба да се одржи до крајот на оваа година. Овој рок засега не се доведува во прашање, но се доведува во прашање рокот за одлучување за нејзиниот датум што требаше според ланските заклучоци да се случи овој јуни", коментира Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.
Извисувањето би било нефер
Дилемите околу одложениот старт на преговорите, односно одложувањето на одлуката ги засилија пораките од Франција, но и од Германија, конкретно од владејачката ЦДУ која сега во игра го става октомври како можен датум. За Ристевска Јорданова ова не значи дека во јуни дефинитивно извисивме, иако веројатноста за тоа вели е се` поголема. Сепак таа предупредува дека такво сценарио би било нефер кон Македонија:
„Во услови кога Германија вели дека нема да стигне да ја заврши собраниската процедура, а ставот на Франција е целосно воздржан, веројатноста, за жал, не е голема. Сепак, прашањето е на дневен ред и веројатно ќе има некакви заклучоци. Но апсолутно би било нефер ако Македонија извиси. ЕУ ќе биде некредибилна доколку не опстои на сопствените ветувања. Последиците од ваквиот однос ќе бидат повеќекратни, со регионален и поширок ефект. Во овој случај, Македонија се однесува многу поевропски од Европската унија. Дури и да се работи за „мало“ одложување, тоа има своја политичка цена и секако ќе се одрази во внатрешната политичка состојба, ако не во сериозна политичка криза, тогаш секако намален капацитет на Владата за реформи“, коментира Ристевска Јорданова.
Повеќе:
-Извештај на ЕК: Зелено светло за Северна Македонија
-Рот: ЕУ мора да го исполни ветувањето кон Северна Македонија
-Партијата на Меркел е против датум за преговори во јуни
Конечната одлука ќе биде политичка
Извештајот на Европската комисија нотира напредок во сите реформи кои што беа зацртани како неопходни. Се разбира, има и забелешки кои сепак не го засенуваат вкупниот закључок кој е кристално јасен. Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека одлуката која ќе падне на Европскиот совет ќе биде политичка:
„Речиси три децении чекаме за исполнување на една од стратешките цели и конечно сме пред нејзино остварување особено после Договорот од Преса. Мислам дека внатре во рамки на ЕУ има колебање дали да не наградат веднаш, без разлика на извештаите кои нивните амбасадори ги испраќаат. Веројатно сега, после овие избори за Европскиот парламент верувам дека климата е поповолна со оглед дека ништо драматично не се смени", изјави за Дојче веле Мирјана Малеска, универзитетски професор.
Наградата сепак ќе стигне
Она што во моментов е многу неповолно според Малеска е што Велика Британија како голема сила која иснистираше повеќе на проширување е во процес на излегување од ЕУ, додека пак Франција и Германија сакаат продлабочување на врските внатре, подигање на повисоко ниво на тоа заедништво на ЕУ. Колебањата се токму во овој дел, акко да се продолжи понатаму, вели Малеска, која сепак е убедена дека наградата ќе стигне:
„Наградата според мене ќе стигне, сега можеби се месеци во прашање. Не се параметрите секогаш врз некои објективни мерила, туку одлуките се главно политички во ЕУ и сега ако сметаат дека ова со Договорот од Преспа беше едно страшно големо исчекорување. Видете што му се случи на Ципрас кој загуби на изборите за ЕП и веројатно постојат стравувања и кај нив, дека може да се случи нешто неповолно во Македонија доколку не биде награден овој потег, така што можеби ќе биде поволно ова за нас да не извлечат. Грција може и да се справи со враќање на националистичка партија на власт, но ние тешко. Нам ни треба одреден период на стабилизација, без одење од криза во криза како што ни се случуваше досега. Затоа мислам дека е можно да ја добиеме оваа заслужена награда. Одлуката е политичка и би требало да биде позитивна“, смета Малеска.
Преговорите, гаранција за стабилност
Македонските власти изразија задоволство од чистата препорака и фактот што Европската комисија го препознала напредокот во реформскиот процес. Истовремено и предупредија дека евентуалното одложувањето на одлуката за преговори би влијаело демотивирачки:
„Го добивме најпозитивниот извештај до сега, со чиста препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство. За тоа заслужуваме да се израдуваме и да честитаме на сите. Владата, Собранието, сите политички партии и групи кои се вградија во уставните измени и реформите, целото општество, граѓаните. Сработивме многу и имаме резултат. Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан”, порача премиерот Зоран Заев.
Опозицијата пак критикува дека извештајот содржел низа забелешки кои власта требала да ги прочита. Пред се во делот на корупцијата, криминалот, како и лошата економска состојба во земјата за што велат тие во изминатиот период постојано алармирале. Лидерот на опозициската партија не присуствуваше на средбата во Вила Водно, каде државниот врв, во присуство на евроамбасадорот Самуел Жбогар ги дадоа своите оценки за содржината на документот. Евроамбасадорот порача дека овој пат препораката е поинаква и ги вреднува и условите кои земјите членки ги поставиле минатата година:
„ Стануваше збор за четири услови за кои земјата требаше да обезбеди реформи. Во овој извештај ние велиме дека сите тие услови и реформи се исполнети. Мислам дека уникатно на ваша страна е тоа што ова е можеби единствена земја во регионот каде што власта и опозицијата соработуваат во носењето на законите и земјата нема никакви спорови со ниту еден сосед. По ова Македонија се издвојува во извештајот и по долго чекање се придвижи напред“, рече Жбогар.
Ова инаку е десета препорака за почеток на преговори со Европската унија. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.