1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку еден милион сириски бегалци во Либан

АТ/афп/кна3 април 2014

Бројот на сириски бегалци во Либан порасна на повеќе од еден милион. Тоа е речиси една четвртина од домашното население. ОН сметаат дека на Либан му е потребна помош.

https://p.dw.com/p/1BaZR
Фотографија: Spencer Platt/Getty Images

Тие домуваат во шатори, гаражи и колиби. Санитетските услови им се лоши, а хронични проблеми има и со отстранувањето на отпадот. Во Либан во меѓувреме засолниште побараа преку еден милион Сиријци, кои ја напуштија својата земја поради граѓанската војна, која беснее повеќе од три години.

Организацијата за бегалци на ОН, УНХЦР, зборува за „катастрофален рекорд“. Резервите со помош се намалуваат и исто така населението на Либан стигна до своите граници. Во меѓувреме, бегалците од граѓанската војна се една четвртина од целокупното население на земјата.

Пресметано по глава на жител, во ниту една друга земја во светот не живеат толку многу прогонети, рече комесарот за бегалци Антонио Гутереш при претставувањето на извештајот во Женева. Дневно доаѓале по 2.500 Сиријци преку границата. Како мала земја, која има други проблеми, Либан сѐ повеќе се соочува со проблемот со бегалците. Ова би можело да се одрази врз целокупната состојба на Блискиот Исток, предупреди Гутереш.

Според проценките на Светска банка, бегалците досега го оптоварија либиското стопанство со околу 1,8 милијарди евра. Освен тоа платите, поради расположливата работна сила, значително се намалија. Меѓу бегалците има 400.000 деца на школска возраст. Настава меѓутоа можат да добијат околу 100.000. Натамошна финансиска поддршка од меѓународната заедница е итно неопходна, смета Гутереш.

Во сириската граѓанска војна од пролетта 2011 година, според проценките на ОН, се убиени повеќе од 140.000 луѓе. Најмалку 2,5 милиони Сиријци избегаа во странство. Освен во Либан бегалците најчесто заминуваа за Турција, Јордан и Ирак. Околу 9,3 милиони луѓе во Сирија имаат потреба од помош.