1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потценувачко предизборно расфрлање со милијарди

Костадин Делимитов
20 февруари 2020

На бизнисот му е преку глава од мега ветувања за автопати и пруги. Сакаат правна држава и одговорна власт која ќе мисли на развој, а не на популизам. Од „милијардата“ на Циле наваму, растат само долговите.

https://p.dw.com/p/3Y4tA
Autobahnbrücke Katlanovo-Veles in Mazedonien
Фотографија: Goran Markovski

Нови избори, стара реторика. Како наближува кампањата така засилуваат додворувањата на политичките партии кои се пуштени во максимален погон. Се ветуваат пари, инвестиции, проекти тешки повеќе милијарди евра. Граѓаните и стопанствениците повторно слушаат за нови автопати, нови пруги, повисоки плати, пониски даноци, канализации, водоводи.
Од секого и за секого по нешто, повеќе или помалку од сите, но најмногу од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која по традиција во предизборието станува секогаш најгалантна во ветувањата. Христијан Мицкоски тргна во обнова на државата со проекти кои, од досега слушнатото, надминуваат шест милијарди евра. Зоран Заев пак оди со слично темпо, но сепак малку поскромно и без расфрлања со астрономски суми, барем засега.
Ветувањата за подобро и повеќе не се ништо ново и се посакувани, но дилемите се колку се реални и остварливи? Стопанствениците се скептични: 
„Од досегашните искуства, она што го слушнавме не е ништо ново. Од таргетите се гледа каде ловат. ВМРО-ДПМНЕ гледаме каде ги насочува инвестициите, кои и да сака да ги направи се нереални. Не знам кои се параметрите што ги оправдуваат тие средства за тие патишта и слично, а во исто време имаме на пример приоритетна енергетска ситуација во која треба да се инвестира, а таа е запоставена. Од друга страна СДСМ кој се држи малку до поширок таргет на гласачи, ветува нешто што е поумерено бидејќи веројатно мислат дека ќе ги добијат изборите и ќе мора да ги одржат ветувањата. Но факт е дека и кај едниот и кај другиот табор повторно повеќе гледаме популизам“, коментира Мендерес Кучи, бизнисмен од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Дел од стопанствениците се и вознемирени. Реагираат дека она што го слушаат делува потценувачки и во добар дел несериозно. 
„Бизнис организациите најверојатно ќе треба да воведат уште една категорија на услуги, да го снимаат и мерат тоа што го ветуваат политичките партии па после извесен период да го анализираат и да го објавуваат. Глобалната свесност на граѓаните и стопанството постојано расте, но очигледно дека политичките партии премногу не потцениле во однос на она што се ветува и спроведува. Сакаме она што го слушаме да биде реално, да видиме од каде ќе се најдат тие милијарди, а не вака потценувачки без да се седне со нас да се договара и да се објасни како и од каде ќе се најдат парите и колку реално тоа и ќе не чини“, реагира Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

Исти проекти, нови ветувања

До каде стигнаа ветувањата на политичарите? Дотаму, да зборуваат за исти проекти. На пример за нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола кој го слушаме и од Заев и од Мицкоски. Поранешниот премиер тврди дека веќе е изготвено и идејно решение, лидерот на опозициската партија пак овој проект го става како клучен во стратегијата за обнова и ревитализација на патната инфраструктура долга 1.000 километри и вредна две милијарди евра. Многу повеќе од она што Заев тврди дека во досегашниот мандат го развиле, патна мрежа од 700 километри. Одлична вест за бизнисот, кој сака добра инфраструктура, но и серизона посветеност за нејзина реализација. 
„Сакаме инфраструктурни проекти, но тие што се започнати да се завршат и со таа работа повеќе да не се политизира. Уште помалку пак да се гледаат овие работи од етнички аспект. Но за жал се протежира исто од минатото. Посебно од страна на опозицијата, која не гледам дека ги поправа своите грешки, а имаше зрел терен да коси“, коментира Кучи и додава дека реално на бизнисот му требаат други, посуштински работи: 

„Реално, на бизнис заедницата и треба владеење на правото, ефикасна администрација и намалување на бројот на административци за што за жал не добивме никакво решение. Бараме и изедначување меѓу домашните и странските инвеститори, затоа што ние гледаме дома", реагира овој стопанственик.

Дополнително, за бизнис заедницата е клучна транспарентноста и отчетноста. Во изминатиов период, на овој план состојбите се подобрија, но клучно е велат тоа да продолжи и во наредниот период. 

Präsidentschaftswahlen Mazedonien
До изборите ќе се изнаслушаме ветувања, предупредуваат стопанствениците.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Сакаме да слушнеме конкретно од каде ќе дојдат парите, дали ќе се зголеми начинот на наплата на даноците или пак подобро ќе се собираат приходите, што пак значи дека ќе треба да се подобри капацитетот на јавната администрација во наплата и менаџирање на јавните фондови и приходната страна и врз основа на тоа“, коментира Бошков.

Растат само долговите

Она што дополнително загрижува според него се и најавите во делот на даночните политики. СДСМ на стартот од мандатот почна со прогресивно оданочување, па потоа се повлече на старото решение за рамен данок. Сега повторно ветуваат нови решенија. ВМРО-ДПМНЕ  пак дури и намалување на рамното оданочување.

„Ветени се намалени даноци, но тоа нас и не плаши, исто како и што не плаши намалувањето на казните. Овие приказни се како онаа со морковот и стапот. Секоја даночна стапка која се намалува изгледа добро и е добродојдена. Но ние се надеваме дека намалувањето на рамниот данок на 8% во меѓувреме ќе најде замена за надополнување на тие приходи од некакви други приходни ставки, а не од парафискалното од казненото или друг вид товар на граѓаните. Затоа она што не интересира е издржано образложение од каде и како ќе се надополнат тие пари. Колку тоа ќе ги чини граѓаните и бизнисот од аспект на јавниот долг. Потребна е паралела, дали со штедење, дали со реорганизација. Оти во приватниот сектор некоја компанија да е задолжена повеќе од приходите ќе банкротира. Затоа сакаме да видиме на кој начин тоа ќе се прави“, коментира Бошков.

Ветувањата за милијарди не се ништо ново во македонското секојдневие. Оваа приказна доби на актуелност уште на крајот на деведесетите години на минатиот век со култната милијарда на Васил Тупурковски и тајванската приказна. Па потоа почна да се надградува, повеќе или помалку за да кулминира во периодот на владеење на Никола Груевски кога граѓаните слушаа проекти и ветувања од осум, десет милијарди евра. Од ваквите мегаломански ветувања, граѓаните реално видоа многу малку. Но затоа добија многу на должничкото конто на државата чиј јавен долг набрзина се зголемуваше и во меѓувреме достигна над 5,5 милијарди евра.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи