1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите за владата ќе ги водат инспекторите?

19 јануари 2017

Mедиумите на албански јазик шпекулираат дека ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да состави влада со ДУИ, Иванов би можел да поднесе оставка за да не го даде мандатот на Заев, што би предизвикало потреба од нови избори.

https://p.dw.com/p/2W1pX
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Со уцени, закани и други форми на притисок ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да изврши притисок врз ДУИ за да ја обезбеди неговата поддршка за формирање нова влада, или во спротивно - да издејствува нови избори, прогнозираат извори од партијата на Ахмети. Засега нема коментар на ваквите прогнози од лидерот на ДУИ, кој вчера попладнето имаше прва официјална средба со мандатарот за состав на нова влада, Никола Груевски. По средбата беа објавени идентични соопштенија од двете партии, без никакви детали од разговорите.

„Претседателите на ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски, остварија средба на која акцентот во разговорите беше ставен на две точки - анализа на резултатите од изборите одржани на 11 декември кои беа оценети како слободни, фер и демократски, како и анализа на актуелната политичка состојба. Двајцата лидери разменија мислења за актуелната политичка ситуација по изборите и за престојните предизвици на тој план“, соопштија двете партии.

Поздрав до Бејта

И додека соопштенијата не навестуваат „немирно море“, извори од ДУИ велат дека прогнозите за „недобар развој на настаните“ ги темелат на почетокот на реализација на заканите што Груевски ги испратил до ДУИ преку интервјуто во „Дневник“. Запрашан како ќе спречи двојазичност ако ДУИ направи коалиција со СДСМ и сите албански партии, тој одговори: „Знаат во ДУИ како“. Груевски одби да прецизира што значи тоа, со образложение: „Ќе ме разберете дека некои наши планови не сакам да ги откријам“.

Nevzat Bejta
Невзат БејтаФотографија: DW/S. Toevski

Во истото интервју солиден простор Груевски му посвети и на градоначалникот на Гостивар и потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта, зачуден што тој отворено се спротивставил на нова коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека претходно „со највозвишувачки зборови говорел за неговата работа како премиер“.

Случајно или не, на вчерашната средба Груевски-Ахмети и претходела „посета“ од тројца претставници на финансиската полиција кај градоначалникот Бејта. Тој во разговор за ТВ 21 обвини дека наредбата за контрола е издадена директно од комитетот на ВМРО-ДПМНЕ, по неговата изјава „дека не познава Албанец кој посакува коалиција со Груевски“.

Наводно, инспекторите барале нерегуларности за инфраструктурен проект - пат кој го поврзува селото Тумчовиште со селото Чегране, проект кој чинел 80 илјади евра, а во употреба го пуштија токму Бејта и Груевски. Од општината тврдат дека целата постапка била регуларна и испочитувана.

И Иванов во игра?

По ваквите, како што ги нарекуваат, „први поздрави од Груевски“, во партијата сметаат дека притисокот врз ДУИ ќе се засили, но дека тоа ќе предизвика повеќе револт и контраефект, отколку одлука за ново коалицирање.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ДУИ  на последната седница на Централното претседателство утврди четири цели кои не може да бидат предмет на преговори. На таа седница, низ дискусија мнозинството покажало какво е расположението во партијата - против коалиција со Груевски. Според партиски извори, се очекуваше најдоцна до петок да има уште една седница на Централното претседателство, за да се договорат работните групи за преговори, принциите и насоките за разговори, но не е извесно дали по тој план ќе течат работите по последната средба Груевски -Ахмети, за која се шират разни шпекулации - дека била прекината и дека е неизвесно дали ќе продолжи.

Во меѓувреме, се множат и други сценарија за идниот развој на настаните. Според медиуми на албански јазик, доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да состави влада со ДУИ до законскиот рок, се шпекулира дека во игра било сценарио според кое претседателот Ѓорге Иванов би можел да поднесе оставка за да не го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, што би предизвикало потреба од нови избори.

Засега нема ни потврда ни демант на ваквите шпекулации. Раководствата на партиите или се целосно затворени за медиумите, или не се впуштаат во коментари поради „сензитивноста на политичкиот момент“, со што јавноста нема реален увид во разговорите зад затворени врати и партиските планови.