Преговори за влада во Италија: Се наѕира крај на агонијата
14 мај 2018Во коалициските преговори во Италија, партиите сѐ уште се во потрага по кандидат за премиер. Евроскептичното Движење 5 ѕвезди и деснопопулистичката Лега Норд во текот на викендот имаа разговори за коалициониот договор, но, како што се вели, одлуката сѐ уште не е донесена.
За пишување историја е потребно време
„Се пишува историја, а за тоа, се разбира, е потребно малку време“, изјави шефот на Движењето 5 ѕвезди, Луиџи Ди Мајо по разговорите со претставниците на Лега Норд во Милано. За имиња не се разговарало, но преговарачката клима е „извонредна“, вели тој. Италијанските медиуми јавуваат дека двете страни во преговорите имаат постигнато договор за околу 20 тематски подрачја.
Повеќе: Победа на популистите во Италија
Лега Норд и 5 ѕвезди почнаа разговори за влада минатата недела и сакаа до вчера да му ги презентираат резултатите од преговорите на италијанскиот претседател Серџо Матарела. Тоа сега е одложено за денеска. Дали денеска ќе биде објавено и името на идниот премиер, не се знае. Се шпекулира дека премиерската позиција нема да ја пополнат ниту Ди Мајо ниту шефот на Лега Норд, Матео Салвини, туку таа ќе му биде доверена на трето, „неутрално“ лице.
И Лега Норд и 5 ѕвезди најавија дека ќе се спротивстават на „диктатот“ од Брисел. На маса се „нови преговори за ЕУ-дговорите“, рече Салвини, додавајќи дека во спротивно „Италија би се задушила“.
На изборите одржани на 4 март Движењето 5 ѕвезди освои најголем број гласови - 32%. Лега Норд освои 17%. Приближувањето меѓу двете партии стана можно откако поранешниот премиер Силвио Берлускони ја повлече својата партија Форца Италија од алијансата со Лега Норд.
Преговорите меѓу Лега и 5 ѕвезди важат за тешки, иако ги поврзува отфрлањето на ЕУ-буџетските правила. Приврзаниците на 5 ѕвезди се населени претежно на сирмашниот југ, додека базата на Лега на е богатиот север. Движењето 5 ѕвезди бара поголеми социјални услуги, додека Лега сака да ги намали даноците. Италија каска зад остатокот од членките во еврозоната. Освен тоа, земјата стенка под товарот од големи долгови, кои изнесуваат 130% од економското постигнување.