Пребројување во ВМРО-ДПМНЕ: кој е за и против Мицкоски
22 октомври 2018Најава за бура во ВМРО-ДПМНЕ или однапред договорено сценарио во пресрет на вечерашната седница на партискиот Централен комитет? Од гласањето во парламентот за уставните измени во петокот, не престануваат шпекулациите низ кулоарите и социјалните мрежи за она што се случува во најголемата опозициска партија.
Од утрово, повеќе водечки партиски функционери одлучија преку социјалните мрежи да му изразат поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски, иако никој не кажува од кого и зошто неговата позиција е загрозена.
Во јавноста најпрво се јавија поранешниот шеф на дипломатијата Антонијо Милошоски и експретседателот на Собранието, Трајко Вељановски. И двајцата му изразија поддршка на Мицкоски, а Вељановски изрази уверување дека „тој ја има и поддршката од членството“.
И пратеникот Влатко Ѓорчев преку Твитер ја обзнани својата поддршка за Мицкоски, додавајќи дека „за Македонија и ВМРО никогаш немало лесни времиња“.
Викендов со проглас до јавноста се јавија дел од обвинетите за 27 април кои се уште се наоѓаат во притвор. Тие го обвинија Мицкоски „за предавство“.
Според анонимни партиски извори, зад новите поделби во ВМРО-ДПМНЕ стои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Истите извори брифираат дека на вечерашната седница на ЦК се можни две сценарија: или Мијалков ќе биде исклучен од партијата, или тој и неговото крило ќе бараат смена на Мицкоски.
Мијалков: историското ВМРО имало про-западна ориентација
Поддржувачите на Мицкоски го идентификуваат Мијалков како „главен стратег“ на исходот од гласањето во Собранието за уставните измени. Мијалков, кој некогаш важеше за недопирлив во партијата, сега е обвинет дека „преку седумте пратеници се спасувал себеси и своите бизниси, на штета на Македонија“.
Мијалков попладнево одговори на овие тврдења во изјава за порталот Прес24. Во неа, Мијалков тврди дека од оставката на партиските функции минатата година повеќе немал никакво учество во работењето на партијата. Отфрла дека на било кој начин влијаел врз „претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав“, и повикува на единство.
Во изјавата на Мијалков има и едно потсетување, имено, тој порачува „не смее(ме) да заборавиме дека историското ВМРО имало про-западна ориентација исто како и ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање. Овој про-западен концепт беше еден од фундаментите на партијата, со крајна цел интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“.
Нејасно е на чија адреса е испратено ова потсетување, но со многу слични аргументи настапија и дел од пратениците кои одлучија да гласаат „за“ отворање на процесот на уставни измени.
Договорено сценарио?!
Со изјава се јави и пратеникот Илија Димовски. Тој вели дека нема намера ни во иднина да го поддржува Преспанскиот договор и уставните измени, но притоа ја критикува и својата партија оценувајќи дека „се води во погрешен правец“. Димовски де-факто го критикува актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека не ги остварило своите политички цели и дека „партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови“. Притоа, Димовски не го споменува директно името на партискиот лидер Мицкоски, ниту на некој од неговите најблиски соработници.
Димовски предлага четири чекори за излез од кризата на партијата: „темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут“, понатаму „напуштање на принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење на култ на личност“, трето „дисконтинуитет со грешките од минатото“ и последно: „партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои до сега го има“, наведува Димовски.
Упатени во состојбите во партијата, утрово за ДВ коментираа дека во партијата нема никаков судир, туку „едно договорено сценарио“.
„Што и да се случи, се ќе биде резултат на договорено сценарио. Напорот сега е насочен само кон градење силна перцепција кај членството за некаква непопустливост на лидерот, за патриотизам до крај, за зајакнување на партијата, за наводни напори за чистење на партијата од компромитирани структури итн. Ова е епизода во која треба секој да го верификува како добиено тоа што го барал - кој позиција, кој спокојство“, вели партиски извор кој инсистираше на анонимност.