Првите негувателки од БиХ пристигнаа во Германија
23 декември 2013
Мирела Коториќ и Јасмина Боројевиќ од средината на септември 2013. година работат во Хајлих-Гајст во Келн. Се' уште се полни со впечатоци стекнати во новата средина, вели Мирела која во Келн дојде од Которско кај Добој: „Првиот впечаток е дека е преубаво. Понови се, на пример, апаратите отколку кај нас во БиХ.“ Од гостопримството на германските колеги е воодушевена и 26-годишната Јасмина Боројевиќ: „Навистина добро сме прифатени. Не чувствувам ниту најмала разлика во односот кон нас затоа што сме дојдени од друга земја.“
Нивната шефица Сузане Креј, раководителка на одделот за нега на болни во келнската болница Хајлих-Гајст, лично се заложила да вработи токму негувателки од БиХ. Како што вели, една нејзина колешка и‘ рекла дека многу квалификувани негуватели од БиХ сакаат да дојдат во Германија и оти поголемиот број од нив добро го зборуваат германскиот јазик. Сузане Креј со месеци ги совладувала бирократските пречки и на крајот ги вработила Мирела и Јасмина. Во Келн лично ги дочекала: „Останав без зборови и бев изненадена колку добро зборуваат германски, а имаат само дваесетина години. Читав во апликациите дека го зборуваат јазикот, но кога прозбореа..., за мене тоа беше прекрасно доживување.“
Познавање на јазикот- главен услов за работа
Таа наведува оти токму познавањето на јазикот е еден од главните услови за наоѓање работа во Германија. Покрај тоа, како што вели, сите кандидати во БиХ мораат да имаат завршено 4. клас на медицинско училиште. Таа истакнува дека и со таа диплома постојат некои разлики меѓу образованието стекнато во БиХ и во Германија. Тоа го забележала кога Мирела и Јасмина почнале да работат, бидејќи како што вели, во Германија медицинското образование е повеќе ориентирано кон пракса.
Бидејќи болницата Хајлиг-Гајст во Келн планира да доведе уште повеќе негуватели од БиХ но и од други земји, управата на болницата решила да отвори работилница за нивно дополнително образование и прилагодување на германските стандарди за негување на болни.
Носталгија...
Мирела и Јасмина се среќни што моментално го делат станот кој оваа болница привремено и бесплатно им го дала на располагање. На тој начин е и помала носталгијата за роднините во БиХ. Јасмина сепак се надева дека виза за престој во Германија набрзо ќе успеее да добие и нејзиниот сопруг, бидејќи тој најмногу и‘ недостига: „Се гледаме секои 2 месеца по седум, десет дена. Раздвоениот живот ми е најтежок...“
И на Мирела и‘ недостасува семејството кое останало во БиХ, но и некои навики и обичаи: „Кај некого да седиш дома и да пиеш кафе. Овде се некако по пат се сретнуваш со луѓето ако имаш време. Дома имав повеќе време за такви средби. Тука немаш време, а немаш ни со кого.“
Колегите не можат да ја компензираат носталгијата, но како што вели, среќна е што е љубезно примена: „Односот е пријателски но сепак се знае хиерархијата.“
Платата не е висока, но е доволна
Со работата на негувателките од БиХ се задоволни и пациентите. Рут Робел како што вели, со негувателките од странство имала и лоши искуства. Со работата на Јасмина Боројевиќ е многу задоволна. „Јасмина својата работа, која добро и многу вешто ја работи, ја сфаќа сериозно.“
Негувателите во Германија не заработуваат многу. Основната бруто плата е одредена со тарифен договор и изнесува меѓу 1.900 и 2.200 евра. Од тоа мораат да платат данок и разни социјални давачки и осигурувања. Мирела и Јасмина како што истакнуваат, за почеток се многу задоволни од примањата: „Доволно е за нормален живот- без претерување но и без гладување“, вели Мирела Коториќ.
Сузане Креј напоменува оти е многу важно пред доаѓањето во Германија и стапување во работен однос како негувател, индивидуално да се согледаат животните околности. „Животот во големите градови е многу скап, посебно кириите кои во последните години драстично пораснаа.“
Среќна е како што вели, по бројните бирократски пречки да вработи две негувателки од БиХ. И сама, како што истакнува, порано имала предрасуди кон странскиот медицински персонал, бидејќи не знаела како ќе се однесуваат кон пациентите: „Сега сум среќна бидејќи двете се многу искрени, и се прилагодија на нашиот говор, така што не постојат никакви проблеми во меѓусебната комуникација.“