Појадок кај Владимир Путин
7 јули 2009Вториот ден од неговата прва посета на Русија, Барак Обама го започна со заеднички појадок во резиденцијата на рускиот премиер во Ново Огарјево во близина на Москва. Путин и Обама пред почетокот на средбата, на која разговараа за актуелните прашања во меѓусебните односи и пред се’ за планираниот американски анти-ракетен штит во Полска и во Чешка разменија убави зборови, а изразија и надеж за подобрување на меѓусебните односи.
Обама притоа ја истакна работата на неговиот домаќин: „Свесен сум за извонредната работа што ја направивте во име на рускиот народ на вашата претходна функција како претседател, но и во сегашната функција како премиер. Сметаме дека постои одлична можност да ги зајакнеме односите меѓу САД и Русија“, рече американскиот претседател.
Ниту Владимир Путин не штедеше пофалби за својот гостин: „Историјата на односите меѓу Русија и САД познава различни фази. Имаше добри години, но и сива рутина па дури и конфронтации. Со Вашето име поврзуваме надеж за надградување на нашите односи“, рече рускиот премиер.
Подобрување на односите САД-Русија
Помирливите тонови и контруктивниот дух, кои преовладуваа на првиот ден од посетата на Обама на Русија значи продолжија и во текот на денешниот ден. Новата американска администрација предводена од Обама на тој начин и во дело ги спроведува претходно искажаните намери за подобрување на односите со Русија и надминување на некои од тешкотиите што се појавија во изминатите неколку години. „Можеби не се согласуваме за се’ но имаме консултации кои ќе им служат и на рускиот и на американскиот народ“, истакна денеска Обама.
Уште на вчерашниот прв ден од посетата на Обама на Русија, тој и неговиот колега домаќин рускиот претседател Дмитри Медведев се заложија за отворање на нова глава во меѓусебните односи и постигнаа согласност за возен ред кој ќе доведе до договор за ограничување на атомското вооружување. САД и Русија во иднина сакаат повторно потесно да соработуваат и во други области.
Двете земји стојат пред редица проблеми
Меѓутоа постои и цела редица проблеми кај кои немаше вистинско приближување, во што не можеа да залажат ни многуте пријателски зборови. Така на пример, Обама и Медведев не постигнаа напредок за долготрајната спорна тема, планираниот анти-ракетен штит во Полска и Чешка. Обама сепак изрази надеж дека е можен компромис: „Ќе најдеме заеднички став. Меѓутоа не‘ чека тешка работа, зашто мораме да ја надминеме долгогодишната недоверба.“ Од своја страна Медведев пак порача:„Нашата земја посакува односи со САД кои соодветствуваат на 21 век.“
Автор: СН/ЖА/дв/ројтерс
Редактор: Александра Трајковска