1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува пребројувањето гласови во Авганистан

БГ/афп17 јули 2014

Властите во Авганистан денеска започнаа со пребројување на околу 8,1 милиони гласови дадени во вториот круг на контроверзните претседателски избори, неколку часа по напад на талибанците врз аеродромот во Кабул.

https://p.dw.com/p/1CeYu
Фотографија: Getty Images

Ревизијата на гласачките ливчиња има за цел да ја смири политичката криза која се заканува дополнително да ја дестабилизира земјата во пресрет на најавеното повлекување на странските трупи од Авганистан.

Околу 23 илјади гласачки кутии се транспортираат од авганистаната армија и НАТО силите во главниот град, каде ќе бидат прегледувани во 100 контролни пунктови.

„Ревизијата ќе трае две до три недели, планирано е во неа да учествуваат стотина тимови“, изјави Ахмад Јусуф Нуристани, шеф на независната изборна комисија. „Се надевам дека овојпат двајцата кандидати ќе ги прифатат резултатите“, дополни тој.

Ревизијата беше прифатена од двајцата претседателски ривали, Абдула Абдула и Ашраф Гани по посредништвото на американскиот државен секретар Џон Кери.

Поранешниот шеф на дипломатијата Абдула не ги призна резултатите од вториот круг на изборите на кои победи Гани, обвинувајќи за измама.

Пребројувањето започна само неколку часа откако авганистанската армија успеа да одбие напад на талибанците врз аеродромот во Кабул. Четворица вооружени талибанци утрово окупираа зграда во изградба на аеродромот, но по четиричасовна борба беа совладани од армиските сили.