1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милиони евра на сметките на починати пензионери

Александар Манасиев
1 јуни 2019

Од 2007 до 2017 година на веќе починати пензионери незаконски им се исплатени преку 2,5 милиони евра. Скопјанец добил условна казна затвор за измама на Фондот бидејќи четири години ја земал пензијата на починатиот татко

https://p.dw.com/p/3JXSg
Nord-Mazedonien Rentensystem Symbolbild
Фотографија: Aleksandar Manasiev

Стотици починати во земјава се живи барем на списоците во Фондот за пензиско осигурување. Тие редовно добиваат пензија најчесто неколку месеци по смртта, но во некои случаи дури и по неколку години откако починале. Нашето истражување покажа дека Фондот за пензиско исплатил преку 2,5 милиони евра на починати корисници на пензија за период од 10 години. Никој досега од Фондот не одговарал за оваа незаконска исплата на пензии и за недомаќинско управување со народните пари. Колку за споредба, оваа незаконски исплатена сума е за еден милион евра поголема од парите што ги одвои Владата за намалување на загадувањето на воздухот во 2019 година.

Истражувањето го започнавме со последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија кој всушност откри низа системски слабости во Фондот поради кои се губат буџетски средства. Еден од проблемите е токму исплатата на пензии на починати лица.  

„Поради необезбедени навремени и целосни податоци за починати, уплатени се средства на трансакциски сметки на починати корисници по истекот на законски утврденото право. Утврден е износ од 156.215.000 денари (2,5 милиони евра) на име исплатени пензии на починати корисници за периодот од 2007 до 2017 година“, вели Мијалче Дургутов од Државниот завод за ревизија. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Фотографија: Aleksandar Manasiev

По закон, правото на пензија престанува кога корисникот ќе почине. За да прекине исплатата потребно е Фондот да добие информација дека пензионерот е починат. Во најголем дел од случаите тоа го прават најблиски роднини кои веднаш по смртта доставуваат умреница. Со неа преку Фондот ја добиваат законската помош од 30.000 денари за погребни трошоци. Друг начин Фондот за пензиско да биде известен е преку месечните извештаи што ги добива од Управата за водење на матични книги. Но и покрај овие механизми има случаи кога Фондот продолжува да исплаќа пензија на починати лица, некаде поради прикривање од страна на роднините, некаде поради системски пропуст.

„Фондот нема ниту надлежност ниту начин да има веднаш сознание за денот на смртта на корисникот и исплатата ја врши согласно последните податоци што ги поседува“, вели Светлана Цветановска од Одделението за правни работи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ).

Од Фондот додаваат дека законски, престанок на исплата на пензија за починат корисник се врши врз основа на податок за датум на смрт. Потврдуваат дека овој податок Фондот го добива од семејството или од Управата за водење матични книги. Ако некој задоцни или го прикрие фактот дека пензионерот е починат исплатата на пензијата продолжува. Против оние граѓани кои ќе го измамат Фондот, се покренуваат судски постапки.

Анализирајќи дел од судските предмети до кои дојдовме може да се заклучи дека исплаќањето пари на починати се провлекува уште од осамостојувањето на земјата, но изненадува што егзистира и денес во време кога е можно меѓусебно дигитално поврзување на институциите или во конкретниот случај Фондот за пензиско и Управата за водење на матични книги.

Од ПИОМ додаваат дека има случаи кога починатиот живеел во странство каде што му се исплаќа македонска пензија, а семејството ја пријавува смртта по изминување на неколку месеци или во превод исплата на пензијата продолжувала иако пензионерот не е меѓу живите.

 „Истото се случува и со починати корисници на пензија со живеалиште во земјава чии членови на потесното семејство смртта многу подоцна ја пријавуваат вo Управата за водење на матични книги поради што од страна на Фондот се врши неоснована исплата на пензија“, вели Цветановска. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Фотографија: Aleksandar Manasiev

Заглавени пари на банкарски сметки на починати

Истражувајќи ја темата дојдовме до еден од „покрупните“ случаи во кои скопјанец е осуден на условна затворска казна од една година бидејќи го измамил Фондот за сума од 15.500 евра. Тој неполни четири години откако починал неговиот татко продолжил да ги зема парите кои секој месец му легнувале на сметка. Интересно е што во судската постапка обвинетиот тврдел дека веднаш по смртта на татко му доставил извод од матична книга на умрени до Фондот, но по една година не добил одговор, а во меѓувреме парите редовно продолжиле да се исплаќаат на сметката на неговиот покоен татко.

„Очекував стручните служби за издавање на изводи на МВР да ги исполнат своите законски обврски и по службена должност да го достават изводот од матичната книга на умрените до Фондот. Очигледно стручните служби на МВР и стручните служби на Фондот не постапиле, ни по доставениот извод од матичната книга што е нивна законска обврска.“, напишал осудениот скопјанец во одговорот на тужбата (Број на предмет П4-371/16/ Основен суд Скопје 2).

Од оваа пресуда може да се заклучи дека, ако Фондот нема информации дека некој е починат ќе продолжи да ги исплаќа парите за пензија, а кога ќе добие информација дека незаконски се исплаќала пензија тогаш може да следи и тужба до семејството.

„Во случај на дојава дека корисникот на пензија починал редовно се обраќаме до банката со барање да се изврши поврат на средствата. Се обраќаме и до Управата за финансиска полиција со барање да се утврди кој ги подигнал средствата од исплатената пензија. Со сите мерки што ги презема Фондот намален е бројот на предмети по основ на исплатени пензии на починати пензионери во последниве неколку години.“, вели Светлана Цветановска од Фондот.

Ревизорите исто така откриле дека има пари кои биле исплатени на починати кои се уште лежат на трансакциски сметки во банките, односно никој истите не ги подигнал.

„За поврат на средствата од трансакциските сметки на починати корисници Фондот има доставено писмо до деловните банки, но дел од банките немаат постапено“, вели Дургутов.

Според ДЗР, Фондот уште во 2013 ја алармирал Финансиската полиција да се вклучи во овој проблем и да се вратат заробените пари од сметките на починатите за што е потпишан и меморандум.

„Финансиската полиција презела активности за поврат на дел од средствата само во 2013 година по што Фондот нема добиено писмено известување за преземени активности“, велат од Државниот завод за ревизија. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Фотографија: Aleksandar Manasiev

За дел од исплатените пари банките доставиле докази дека некој ги подига од сметката по што во тие случаи Фондот поведува судска постапка. Но, бројот на судски постапки е мал во споредба со незаконски исплатената сума.

Од Фондот за ПИОМ добивме писмен одговор со податоци дека во периодот од 2015 до 2018 година Фондот за пензиско започнал 53 постапки во кои бара да се вратат околу 32.000 евра, а успеал да врати само 8.200 евра кои неовластено им биле исплатени на починати пензионери. Тоа е само трошка во споредба со сумата од 2,5 милиони евра што била исплатена на починати пензионери од 2007 до 2017 година.

Дури и Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за 2018 смета дека Фондот не повел доволно судски постапки за да ги врати назад незаконски исплатените пари.   Проблемот со исплатата на пензиите на починати е разговаран и на министерско ниво.

„И покрај воспоставената комуникација, поради ненавремени и нецелосни информации помеѓу надлежните институции, постои ризик да се изврши исплата на пензии на починати корисници на пензии. Точноста на податоците во Фондот е од големо значење и токму затоа МТСП во соработка на Светска банка работи на развивање на модел за единствен регистар на осигуреници, што ќе биде трајно и ефикасно решение и за овој проблем.“, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политикаФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Сепак, ова е само сол на длабоката рана што ја има Фондот, институција која официјално има и најголем дефицит во земјава односно најголема дупка во сопствениот буџет.

Што покажуваат бројките во завршните сметки на оваа институција? Фондот во 2018 располагал со сопствени средства од 617 милиони евра, но за да може нормално да функционира и да исплаќа редовно пензии му биле потребни вкупно- една милијарда и 119 милиони евра.

За да не дојде до колапс на пензискиот систем во 2018 дополнително од Буџетот на државата како финансиска инјекција поради големата дупка биле префрлени 477 милиони евра, а останатите пари се обезбедени од акцизи и други поситни приходи како дивиденди.

Дупката во ПИОМ „јаде“ по два автопати годишно

Само за илустрација за тоа колкава е дупката во Фондот, таа е над четири пати поголема од годишниот буџет на Министерството за здравство кое располага со  нешто повеќе од 100 милиони евра или пак таа е двојно поголема од цената што е платена за автопатот Демир Капија-Смоквица (220 милиони евра).

Во превод, кога не би постоела дупката во Фондот државата би имала 477 милиони евра повеќе за распределба во здравството, образованието, екологијата или инфраструктурата.

Да се вратиме назад на бројките. Вкупно за исплата на пензии за 317.000 пензионери во 2018 година биле предвидени 883 милиони евра што значи дека 78% од вкупниот буџет на ПИОМ се троши за пензии. Со пораст на бројот на пензионери расте и овој трошок. Дупката во ПИОМ расте од осамостојувањето на земјата, а една од главните причини е односот помеѓу бројот на вработени и бројот на пензионери. Додека првиот опаѓа, вториот вртоглаво расте. Дополнителен товар на Фондот биле и популистичките мерки за зголемување на пензии со што дупката вртоглаво пораснала.

Па така, ако во 2006 година имало кусок од „само“ 152 милиони евра, што се гледа од финансискиот извештајза таа година, двојно се зголемил во 2013 година кога достигнал 342 милиони евра. Ако се спореди со денешниот дефицит тогаш дупката во ПИОМ од 2006 досега пораснала за преку 200%. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестицииФотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

„Голем предизвик со кој се соочува Фондот е и континуираниот пораст на дефицитот наталожен од изминатите десетина години, кој во најголема мера се должи на несоодветните политики на усогласувањето на пензиите надвор од законските решенија, како и на драстичното намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, што не беше предвидено во актуарските проекции на почетокот на пензиската реформа пред околу 15 години со цел стабилизирање на пензискиот систем на долг рок“ вели  Зорица Апостолска, поранешна директорка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и актуелна министерка без ресор задолжена за странски инвестиции.

Неодамна беше откриено дека во времето на директорување на кадрите на ДУИ, Исни Јакупи, Беким Незири и актуелниот директор Шаип Зенељи дури 12.000 осигуреници останале без пари во приватните пензиски фондови. Штетата ја чинеше државата дури 19 милиони евра.

“Се работи за 12.000 осигуреници чии придонеси останале само во првиот, наместо да бидат распределени и во вториот пензиски столб. Заради оваа негрижа на претходната власт директно им се скратува правото на овие луѓе да остварат повисока пензија. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено вкупно 95.000 денари во период од 2006 до 2018 година”, ни објасни Царовска.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистражна постапка која е во тек откако за овој случај Министерството за труд и социјална политика поднесе кривична пријава против непознат сторител за злоупотреба на службена положба и овластување. Споменатите директори раководеле со Фондот и кога се случува незаконската исплата на пензии за починати за која алармираше Државниот завод за ревизија, но биле први луѓе на оваа институција и кога вртоглаво расте дефицитот во ПИОМ. Засега никој не бил повикан на одговорност за ниту еден од овие случаи.

За тоа колкава штета претрпел ПИОМ покажуваат бројките во финансиските извештаи. Јасно може да се види дека без да бидат префрлени пари од централниот буџет Фондот би крахирал и не би можел да исплаќа навремено пензии. Ова значи дека низ годините креиран е систем на зависност на Фондот од буџетски пари, но таа зависност се зголемува од година на година. 

Nord-Mazedonien Rentensystem
Фотографија: Aleksandar Manasiev

За надминување на длабоките проблеми во Фондот формиран е Совет за следење на реформата на пензискиот систем, како меѓуресорско тело кое се состанува и дискутира за политиките и реформите во пензискиот систем во смисла на подобрување на состојбите и стабилноста напензискиот систем на краток, среден и долг рок. И проблемот со исплатата на пензиите на починати бил на дневен ред.

„Надминување на проблемот со исплата на пензии на починати лица треба да се бара во обезбедување на синхронизирани и навремени информации кои се разменуваат помеѓу поврзаните институции. За оваа цел веќе постои проект преку Светска банка за развивање на модел на единствен регистер на осигуреници со кој се очекува да се зајакне институционалната комуникација за размена на податоците вклучително и нивната точност, во кои се содржани и податоците за починатите лица, а биле корисници на пензија“, вели  Апостолска која воедно е и член на Советот за реформа на пензискиот систем.

Таа смета дека е потребно организациско унапредување  и унапредување на внатрешната контрола во Фондот за да се придонесе во подобрување на процесите на исплата на пензиите и минимизирање на последиците.

Министерката Царовска која е претседателка на Советот исто така смета дека дефицитот во Фондот е „директна последица од лошите и непромислени политики во минатото“.

„Потребно е континуирано следење на состојбите, детектирање на недоследности и нудење нови решенија, што воопшто не се правело последните 10 години. Новото раководство на МТСП наследи застарени и нефункционални системи, и работи неуморно да ги трансформира. Во овој процес се вклучени сите засегнати страни, и само на овој начин можеме да изградиме држава која вистински се грижи за своите граѓани, вели Царовска.

Според неа,  една од клучните реформи за зајакнување на Фондот е зголемувањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4% (од 18% на 18,4%) со што ќе се намалат средствата за исплаќање на дефицитот.

Зголемувањето на дупката во Фондот без спроведување на темелна реформа би значело дека за неколку години би било потребно зголемување на старосната граница за пензија или дополнителни финансиски инјекции за вештачко одржување на Фондот со цел обезбедување на социјален мир.

Нашето истражување покажа дека засега работите функционираат речиси исто како и пред три децении па Фондот за пензиско прво им ги исплаќа парите на овие лица бидејќи нема навремена информација дека се починати. Она што е различно е што кога ќе се открие дека се починати, за што некогаш се потребни и години, со тужби преку судските органи се бараат парите од роднините. 

(Кликнете на следната ИНФОГРАФИКАза да погледнете некои од најважните статистички движења во ПИОМ)

Електронското поврзување заглави во Стратешките планови

Во Фондот засега најголем дел од документите се во писмена форма, на хартија, а дигитализацијата е далеку од реалност. Па така, пензионерите треба два пати во годината да доставуваат потврди за живот во хартиена форма.

За секој пензионер има финансово досие и документација во хартиена форма кое физички се движи од вработен на вработен. Во Стратешкиот план на Фондот за пензиско за периодот 2019-2021 се вели дека оваа состојба ќе се надмине со електронска размена на податоците со земјите од поранешните ЈУ-републики за корисниците на пензија кои примаат пензија од земјава, а кои починале. Се планира скенирање на документите и работа со финансово досие и добиена документација во електронска форма.

Во Стратешкиот план посебен дел е посветен и на исклучување на починатите од системот. Се вели дека засега исклучувањето од исплата на починатите корисници на пензии се врши преку дојава од странките, или преку месечни извештаи изготвени од Управата за водење на матични книги во хартиена форма. Идната посакувана состојба до 2021 е електронско поврзување на информатичките системи на двете институции-Фондот за пензиско и Управата за водење на матични книги со цел добивање на информации за починати корисници на дневно ниво со цел навремено исклучување од исплата и одбегнување на понатамошни постапки за наплата на долг по судски пат.

Драмска претстава

Проблеми на Фондот при исплата на пензиите им создаваат и самите граѓани ако го прикријат фактот дека пензионерот е починат. Еден од поинтересните случаи за кој има и судски епилог се случил во велешко каде син на починат пензионер бил осуден на условна казна бидејќи го измамил Фондот за пензиско, но и поштарот и вработена во локална банка незаконски заработувајќи 2.000 евра. Неговиот татко бил починат веќе неколку години, но поштарот тоа не го знаел. Кога му однел чек за пензија синот рекол дека татко му е болен и барал нему да му бидат исплатени парите.

Поштарот одбил по што синот импровизирал драмска претстава за да дојде до парите. Му се јавил на поштарот и му рекол дека татко му е со него, дека го зел од болница. Се договориле да се сретнат пред бензинската пумпа на  Штипското џаде. Синот му рекол на поштарот „еве го татко ми, внатре е“. Поштарот забележал на задното седиште во возилото дека седи постар маж и му побарал лична карта. Човекот му дал лична карта обраќајќи му се со зборовите „еве јас сум тој, болен сум, ајде да ги земам парите“. Поштарот ги исплатил парите, но наредниот месец дознал дека пензионерот е одамна починат. Она што е интересно, а што е наведено во пресудата со КБР 584/12 на Основниот суд во Велес е дека откако поштарот ги известил институциите дека лицето е починато во следната година и половина постојано пристигнувале налози за исплата на пензија за истото лице, но тој на сите ставал назнака дека лицето е починато и ги враќал назад. Синот ги вратил парите назад во Фондот, но сепак бил осуден за измама.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи