Почина соосновачот на „Алди“ Тео Албрехт
28 јули 2010Тео Албрехт, кој заедно со неговиот брат Карл, е основач на синџирот супермаркети „Алди“, почина во саботата на возраст од 88 години. Според листата на американскиот магазин „Форбс“, Тео Албрехт со имот од речиси 17 милијарди долари беше вториот на листата на најбогати Германци. Повеќе пари има само брат му Карл.
Темелите за синџирот супермаркети за прехранбени производи ги поставија по Втората светска војна. Во меѓувреме има речиси 8.000 филијали на „Алди“ ширум светот, од Америка преку Швајцарија и Источна Европа, па дури до Австралија. Сето тоа браќата го имаат фино и прецизно поделено меѓусебе, исто како и во Германија. Низ земјата минува линијата на разделување, на шега нарекувана „Алди екватор“, меѓу „Алди север“ на Тео и „Алди југ“ на Карл.
„Алди“ е едно од најголемите трговски претпријатија во светот. Прометот може само да се проценува, зашто никој не знае точно. Познавачите на браншата говорат дека тој изнесува околу 34 милијарди евра и сето тоа остварено без огромен управен апарат: „Некои мислат дека за тоа мора да се изгради голем управен апарат. Дека е потребен оддел за контрола и советници за претприемаштво. Сето ова во ’Алди’ го нема“, вели Дитер Брандес, долгогодишен деловен раководител во „Алди“.
Германците се верни на „Алди“
„Алди“ се одликува и со скромно уредените супермаркети и бескомпромисноста кон испорачувачите на стока. Покрај тоа, со браќата Албрехт не е поврзан ниту еден скандал, барем не јавно. Додуша, на двајцата тешко им паѓаат промените. Речиси како мали револуции беа воведувањето на ладилниците, скенерите на бар кодови и плаќањето со дебитни картички во супермаркетите на „Алди“. Се‘ дотогаш муштериите се воодушевуваа на извонредно брзите касиерки, кои очигледно ја знаеја секоја цена напамет.
Автор: Хенрик Беме/Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска