1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина големиот латиноамерикански раскажувач Габриел Гарсија Маркес

ЕМФ/ард18 април 2014

Колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес почина на возраст од 87 години. Претседателот на Колумбија Хуан Сантос на Твитер напиша: „Илјада години самотија и тага поради смртта на најголемиот Колумбиец на сите времиња“.

https://p.dw.com/p/1Bkd5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Габриел Гарсија Маркес е роден на 6 март 1927 година, во Аракатака, мало гратче на колумбискиот брег. Светска слава стекна во 1967 година со романот „Сто години самотија“. Семејната сага е преведена на 25 јазици и отпечатена во повеќе од 50 милиони примероци. Други успешни романи на Маркес се „Хроника на најавената смрт“ и „Љубов во време на колера“. Голем дел од неговите книги се и филмувани.

Гарсија Маркес е од голем број критичари оценет како еден од најзначајните автори на шпански јазик. Со својот сликовит јазик тој го направи популарен стилот на магичниот реализам, односно интегрирање на магични елементи во реалистични ситуации. Многу од неговите дела ја тематизираат индвидуалната изолација и изолацијата на Латинска Америка. Во 1982 година Гарсија Маркес ја доби Нобеловата награда за литература, меѓу другото и заради, како што тогаш рече шведскиот премиер Олоф Палме, поврзувањето на „една длабока фантазија со крвавата историја на цел еден континент“.

Autor Gabriel Garcia Marquez 1987
Маркес во 1987 година во Богота, на прославата на 20-годишнината од излегувањето на романот „Сто години самотија“Фотографија: Reuters

Пред да и‘ се посвети на литературата Маркес работеше како новинар. Тој беше левичар и пријател на кубанскиот револуционерен водач Фидел Кастро и во новински текстови и подоцна ги коментираше светските случувања.

Во 1999 година Гарсија Маркес се разболе од рак. Во текот на изминатите години постојано имаше извештаи за здравствените проблеми на писателот. Дијагнозата не е јавно соопштена, но се смета за веројатно дека имал деменција. Гарсија Маркес почина во Мексико сити, градот каде живееше со децении. Таму, на 21 април, ќе има комеморација за носителот на Нобеловата награда. „Беше роден во Колумбија, но го одбра Мексико за свој дом, каде живееше со децении. Тој го збогати нашиот живот“, напиша на Твитер претседателот на Мкесико, Енрике Пена Нието.