1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потребни се „директни преговори“ со Северна Кореја

ЕМФ / дв
18 септември 2017

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел предлага директни разговори со страните во севернокорејскиот конфликт. Урнек: политиката на деескалација во времето на Студената војна.

https://p.dw.com/p/2kA98
Nordkorea Kim Jong Un
Фотографија: picture-alliance/Newscom/KCNA/UPI Photo

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел се заложи за „директни преговори“ со раководството на Северна Кореја. Во конфликтот околу нуклеарната програма на таа земја и ракетните тестови се неопходни „визии и храбри чекори“, по примерот на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) во времето на Студената војна, изјави Габриел за весникот „Билд“.

Ким „не е лудак“

Ким „не е лудак“, туку следи добро смислена стратегија и уверен е дека ако поседува атомска бомба ќе си го обезбеди својот режим, вели Габриел. На севернокорејскиот властодржец, според шефот на германската дипломатија, мора да му се предочи друга безбедносна гаранција: „Тоа е можно само со помош на директни преговори со Северна Кореја. За таа цел на преговарачка маса мора да седнат заедно трите сили: САД, Кина и Русија.“

Зигмар Габриел за време на посетата на Кина на викендот за севернокорејската криза разговараше со високиот кинески дипломат, член на Државниот совет на Кина, Јанг Џиечи. По средбата изјави дека е неопходна двојна стратегија - притисок и дипломатија.

China Besuch vom Außenminister Sigmar Gabriel
Зигмар Габриел и Јанг Џиечи во Пекинг (17.09.2017)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Zhang

„На санкциите им треба време“

Министерот за надворешни работи пледираше да се има трпение и да се причекаат ефектите од најновите санкции против Пјонгјанг. „На санкциите им е потребно време за да делуваат. Тоа го видовме, на пример, во случајот со Иран.“

По последниот ракетен тест на Северна Кореја, американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот јужнокорејски колега Мун Џaе Ин, во телефонски разговор се заложија за заострување на санкциите против Пјонгјанг. Северна Кореја лансираше ракета преку јапонска територија во петокот.