1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Потписите на Валенса се вистински“

Герхард Гнаук
1 февруари 2017

Критичарите на работничкиот лидер во Полска слават. Со помош на примероци од ракопис се успеало да се докаже дека подоцнежниот Нобелов лауреат и претседател определено време бил соработник на комунистичката тајна служба.

https://p.dw.com/p/2WmDz
Lech Walesa
Фотографија: M. Biedrzycki /Lech-Walesa-Institut

Трилерот Валенса во Полска не знае за крај: спорот за тоа дали опозицискиот работнички лидер во 80-те години од минатиот век во периодот пред тоа бил соработник на комунистичката тајна полиција СБ, достигна нов зенит. Вчера (31.01.2017) во Варшава беа презентирани резултатите од стручното вештачење, кои би требало да го докажат токму тоа. Според вештаците, потписите на Лех Валенса на документите на СБ потекнуваат од неговата рака.

Истрагата на потписите беше започната, откако озлогласениот министер за внатрешни работи на комунистичкиот режим во Полска, генералот Чеслав Кижчак почина на крајот на 2015 година. Во неговата куќа се наоѓаа важни документи, кој „господарот“ на полицајците и агентите едноставно си ги „зел“ од неговата државна институција. Поради сомнението дека соработници на СБ можеле самите да фалсификуваат документи за да го оцрнат Валенса, водечката личност на опозицијата, полската служба за проверка на актите на СБ отвори постапка.  

Вештачењето на потписите отворено во рамките на оваа постапка, меѓутоа дојде до поинаков заклучок, кој го товари Валенса. Со тоа уште еднаш се потврдува горката логика на отворањето на актите на тајните полиции по промената на режимот. Имено не се злосторниците од тоа време оние кои мора да стравуваат, туку најчесто тоа се жртвите, зашто постојано биле под надзор и секој погрешен чекор им бил педантно регистриран. 

Polen Geheimdienst-Dokument mit Unterschrift von Lech Walesa
Фотографија: Reuters/K. Pempel

Графолозите го потврдуваат потписот

Според наводите на полските медиуми, графолозите провериле 52 документи од актите на СБ во кои се појавува потписот на Валенса. За споредба биле земени 142 други ракописи на Валеса. Документите кои беа предмет на истрагата потекнуваат од 1971. до 1974. година и се главно извештаи кои Валенса ги пишувал за полската тајна служба, како и 17 сметкопотврди за парични износи, кои тој требало да ги добие за тоа (вкупно 11.700 злоти, што тогаш соодветствувало на неколку месечни плати).

Историскиот контекст беше драматичен. Откако непосредно по Божикните празнувања во 1970. година владата најави поскапувања на прехранбените производи до 30 проценти, во Гдањск и во други градови дојде до демонстрации и улични судири. При интервенцијата на полицијата и армијата, застрелани беа 45 демонстранти, главно работници. Илјадници беа уапсени, меѓу нив и Валенса, кој уште во тоа време беше работнички лидер. Околу 130 лица меѓу уапсените биле принудени да се обврзат на соработка со тајната полиција. И Валенса очигледно не гледал друг излез за себе и за своето семејство, освен да потпише. Потоа, доколку документите се навистина оригинални, тој повеќепати ѝ известувал на СБ за своите колеги и за атмосферата на работното место.

Херој со гребнатини

За ова меѓутоа веќе одамна се дискутира и содржината на документите е позната.  Валенса самиот призна дека не излегол „сосема чист“ од затворот и оти „потпишал“ нешто. Што се однесува конкретно на документите кои сега беа проверувани, тој меѓутоа негираше дека бил нивни автор. Адвокатот на Валенса во рекцијата на вештачењето изјави: „Случајот не е затворен“. Отворените прашања не се одговорени ни согласно правилата на казнениот процес ниту на криминалистиката, порача тој и најави натамошни правни чекори.

Lech Walesa Streikführer 1980
Фотографија: picture-alliance/dpa/Lehtikuva Oy

Така, веројатно, спорот и натаму ќе продолжи. Биографот на Валенса, Јан Скоржински укажува на работите кои говорат во полза на Нобеловиот лауреат: „Сите негови контакти со СБ биле прекинати повеќе години пред неговото пристапување кон опозициското движење (на крајот на 70-те). Доколку тој по декември 1970. година бил вклучен во соработка со полицијата, тогаш успеал и да се оттргне од оваа зависност.“ Од 1976. до крајот на диктатурата тој јасно важел за „непријател“ на комунистичкиот режим.

И историчарот и поранешен европратеник Павел Ковал предупредува од црно-бело размислување во случајот Валенса. „ Тој е толку значајна личност за историјата на Полска и за Полска, што секој си гради сопствено мислење за Валенса. А мнозинството Полјаци веќе имаат изградено мислење за него. Во овој случај веројатно ќе биде онака, како што е и кај некои други случаи во полската историја: Имаме слика на 'херој со гребнатини'. Луѓето ќе имаат поделено мислење, дали подоцнежните заслуги на Валенса можат да ја исперат неговата вина или не.“, истакнува Ковал.