Построги правила за интернет продажба во Германија
4 август 2012Внимателноста на интернет останува правило број еден. Сепак, во иднина муштериите нема да бидат така лесно мамени.
Големи букви и силна боја- интернетот одамна е полн со огласи во кои се ветува дека нешто ќе добиете бесплатно, гратис или free. Околу пет милиони корисници на интернет веќе се фатија во замката. Излезе дека, на пример, бројни хороскопи, рецепти или тестови на интелигенција не се бесплатни- но продавачите сето тоа го прават невидливо.
Отсега на муштериите мора да им биде јасно на што ќе ги дадат парите. Страниците кои се занимаваат со продажба ќе мора да се сменат, објаснува Јута Гуркман од Централата за заштита на потрошувачите.
„Копчето повеќе не смее да се вика „нарачајте веднаш“ или „понатаму“ или „испратете нарачка“, туку мора директно да се наведе „купи“, „плати“ или нешто слично“, вели Гуркман.
По кликот на копчето, се заклучува договорот за продажба. Така вели новиот закон. Германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер- Шнаренбергер од редовите на Либералната партија очекува „повеќе транспарентност и поголема сигурност за потрошувачите“.
Новите правила важат за целата трговија преку интернет, дури и за продавачите од странство, вели Гуркман:
„Доколку имате меѓународна фирма, која е насочена кон германскиот пазар, тогаш е подобро за потрошувачот да има заштита од германскиот закон, тоа вклучува и вакви решенија за копчињата“.
Внимателност од потрошувачите
Законот се применува доколку постои верзија на германски јазик, или на пример, меѓународен телефонски број. Доколку го нема тоа, муштеријата не може да се повика на германското право. Но и во рамките на Германија е потребна внимателност. На пример, продажбата на софтвер останува сива зона.
„Стравуваме дека несовесните трговци ќе најдат друг начин да ги мамат потрошувачите“, вели Гуркман.
Но и корисниците имаат дел од одговорноста- на интернет, имено, е многу лесно да се најдат повеќе информации и понуди. Институциите за заштита на потрошувачите препорачуваат секоја понуда добро да се одмери и дополнително да се провери секој сомнителен продавач.