1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои „кул“ ислам, само треба да се пронајде

6 ноември 2010

Ислам, панк, бунт, судир на култури... Сето тоа е прикажано во филмот „Таквакор“ документарен филм за муслимански панкери. Беше прикажан неодамна на Фестивалот за документарни филмови во Лајпциг „Док - Лајпциг“.

https://p.dw.com/p/Pzwh
Инсерти од филмот за исламскиот панкФотографија: Omar Majeed

„Таквакор" е филм за американски панк бенд од западниот брег кој себеси се дефинира како исламистички. Бендот ја обработи песната на „Секс пистолс", „Анархија во Обединетото Кралство" и во нивна изведба песната звучи вака:

„Јас сум исламист, јас сум антихрист"

Може ли да се биде побунтовен од тоа? „Сите од нас очекуваат да бидеме добри муслимани од Западот. Само затоа што бунтуваме против конзервативниот ислам, сега би требало да бидеме супер - патриотски републикански гласачи. Секој што сака да не' разбере, ќе види дека ние во средината на т.н. судир на култури покажуваме среден прст и во двете насоки", објаснуваат во филмот членовите на бендот.

Filmstill Taqwacore - the birth of Punk Islam
Млади меѓу две културиФотографија: Omar Majeed

Навечер рок, наутро молитва

Тие се деца доселеници од Пакистан или Иран. Авторот на истоимениот роман, Мајк Најт самиот себе се нарекува Мајк Мухамед Најт. Потекнува од иранско - католичко семејство, од својата 16-та година го прифатил фундаменталистичкиот ислам од саудиско потекло, а потоа сепак завршил во водите на панкот. Во романот неговата цел е, да ги спои тие две работи. „Секако дека постои ислам што е 'кул'. Само треба да се пронајде", тврди Мајк Мухамед. „Навечер свириме рок низ пабовите, а наутро, во пет, целиот бенд е на молитвениот тепих."

Нивната смисла за самоинсценирање му се допадна на режисерот Омар Мајед, кој е Канаѓанец со пакистанско потекло. Во филмот бендот патува низ САД, управува зелен автобус и ужива во вниманието кое го привлекува. Секако тука се вклучени и провокативните изјави. На пример кога го предупредуваат механичарот како да им го поправи моторот: „Не сакаме автобусот да експлодира пред ние да сакаме да експлодира."

Filmstill Taqwacore - the birth of Punk Islam
На турнеја со зелениот автобусФотографија: Omar Majeed

Што се смее?

Врвот на турнејата е настапот на Исламската конвенција во Чикаго, најголемиот собир на муслиманите во САД. Поставена е отворена сцена за младите исламски уметници. За време на настапот на исламските панкери, публиката, а особено младите девојки со шамии на главите не се сосема сигурни што мислат за бендот. Девојките, претежно на школска возраст, не се сигурни дали смее да им се допадне настапот на бендот. Тие се нишаат во ритамот на музиката, но сосема внимателно.

Меѓутоа, кога на сцената се појави пакистанско - канадскиот „драг-кинг"(„drag-king") Сена Хусаин, жена која се облекува како маж, нивото на дозволеното е надминато. Обезбедувањето објавува дека концертот е завршен, а организаторката објаснува што и' пречи: „Им реков: без пејачката, без танцот. Настапот мора да биде исламски умерен. Тоа дека на жените не им е дозволено да пеат не го мислам само јас. Таква е нашата политика."

Заминување во Пакистан

Сето тоа сепак е само Америка. И тогаш протагонистите на филмот навистина се најдоа во жариштето на судирот на културите, помеѓу Западот и исламот. Заминаа во Пакистан, посетија едно суфистичко светилиште и забележаа дека сепак музиката и исламот некако можат заедно. Единствено настапите не функционираат како што треба.

Filmstill Taqwacore - the birth of Punk Islam
Фотографија: Omar Majeed

Тука филмот губи на жештината која зрачеше во првиот дел. Младите и диви луѓе полека се замислуваат и одеднаш им станува јасно дека не е баш забавно да се наоѓаш на раскрсница на културите. Самоуверените бунтовници одеднаш стануваат несигурни и внимателни кога се во прашање провокациите.

На крајот, сепак ќе одржат концерт и дури ја прикажуваат публиката во кафтани и тамошната фенси младина како танцува на нивната музика. Но сепак не се расфрлаат со религиозни провокации како на турнејата во Америка. Наместо тоа, на сцената упатуваат пцовки на адреса на Џорџ Буш, што во Пакистан не е баш некаква провокација.

Автор: Матијас Белингер/ Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска