Последниот Добрица
28 декември 2017Годинешното собраниско обраќање на претседателот Иванов заслужува да се нарече историско. Море и повеќе од тоа, како епохален чин достојно за паметење. Не поради стилот на говорот и тежината на пораките, понудената визија, некој мудар осврт кон состојбите или грамадната величина од калибар на татко на нација. Историското и епохалното во обраќањето на Иванов не беше говорот и содржината, туку тој самиот. Во улога на последен изданок на соц-реалистиката плејада функционери изникнати и формирани според матрицата на хомо-советикус алхемија на идеолошка крутост, парохијална интелектуалност и национална митологија. Предаден од сопствената едвај прикриена несигурност и лабилна самодоверба, Иванов наликуваше на носталгичен прототип на југословенската номенклатура, како последен Добрица Чосиќ академски претседател кој одбива да разбере дека се има превртено во пародија на сопствената историска мисија и напуштен интелектуално-политички кентаур. Секогаш во согласност со тажната максима за „појужно-потажно”, процесот на прифаќање на неминовните историски смени кои започнаа со достоинственото заминување на Кучан, Месиќ, протерувањето на Томислав Николиќ, завршува со тажното лелекање на Иванов како куриозитетен реликт на минатото.
Да не беше толку нарцисоидно убеден и цинично набеден за неговата историска мисионерска поза, да имаше барем трошка чувство за времето и просторот во кој се наоѓа, Иванов ќе ја искористеше можноста да изненади и дебело им наплати на своите соперници. Инсистирајќи на неговите рефренизирани ставови, размисли и оценки, на неговата патетична фигуративност на тврдокорен етно-комунист, Иванов го испорача токму она што и младите ривали и генерациските пензионери го посакуваа – отровна тирада полна со клетви, омрази, мраконазор и страв од иднината. Вистински политичар, достоинствен академик и мудар старец кој низ житието крстарел на свои нозе, би умеел да ја искористи можноста – како Џорџ Вашингтон – во својата последна беседа да остави белег за децении. Но Иванов, судејќи според неговите зборови, има некаква чудна насушна (утешителна?) духовна потреба иднината на сите нас да ја бои според мрачните тонови на неговата денешница.
Слаткоречива понизност
Најкусиот можен контрапункт на таквиот фатализам на Иванов би била оптимистичката максима дека додека некому не му се стемни, на друг не му зазорува. Но евидентниот крај на диктатурата на пост-воениот пролетаријат етаблиран со благослов на меѓународната заедница и нејзината про-десничарска логика дека „оние што ги создале проблемите ќе умеат и да ги разрешат” не само што заврши со неславен епилог, туку е прашање и дали воопшто е отфрлен еднаш засекогаш. Или поточно кажано, репакиран во ново маркетиншко руво, но со иста, идентична содржина.
Дневно-политички гледано, првата асоцијација во прилог на таквиот сомнеж потекнува од тековната старо-нова понуда на политчки фигури на домашната сцена. Колку и да е примамлива за потврдување на сомнежите, таа сама по себе е недоволна за носење финален заклучок. Аргументот е помалку содржан во имињата, отколку во просечниот профил на новата гарда политички актери (именка која сама по себе доволно кажува) кои по својата политичка претставителност по ништо посебно не се разликуваат од етаблираната пракса според која и минатиот режим беше инсталиран и инструиран. Со таа разлика што претходните ја тераа мимикријата на лажно патриотство, додека пак сегашните режимлии се назначени и диригирани да манипулираат со лажното граѓанство. Онака, во ритамот на ист принцип во десет нијанси на сиво.
Наместо држење пизма, нервирање и с'клетосање со непроменетата матрица на арогантна апсолутичност и презрива аутистичност на новата (иста како претходната) влада, поупатно е да се потсетиме на корените на таквото акутно поведение на власта. Не станува збор за никакво ментално наследство, вкоренет табиет, образовно-воспитен чемер, туку за логична последица на колонијално поставената политичка сцена во која патот до тронот минува преку филтрите на надворешните центри на моќ. Да, она што го тврдевме за политичарите од минатата власт може слободно да се искористи како илустрација и за сегашните – дека синдромот на нивната отсеченост од гласот на граѓаните вирее од тоа што секој од нив е свесен дека граѓаните сеуште не се суверени кои жарат и палат, не се врховните судии пред кој се полагаат вистинските сметки и сносат последици. Таа привилегија сѐ уште е во доменот на надворешно влијание, па затоа покорноста на политичарите кон странските дипломати е само одраз на реалноста за тоа кој навистина го држи железото на одлуките. Единствената промена е што ерата на покорноста на Иванов завршува, но епохата на слаткоречива понизност на новите поколенија кон надворешните центри трае и натаму.
Одм Мицковски не бива Љубчо
Тоа е и една од причините поради кои јавноста со љубопитност го следеше процесот на промена на водството на ВМРО-ДПМНЕ и крунисувањето на Христијан Мицкоски за калиф место калифа. Она што може веднаш да се каже за новиот првенец во ВМРО-ДПМНЕ е дека станува збор за досега академски најобразованиот и професионално докажан лик на чело на било која политичка партија. Евидентната слабост во ПР комуникации и лабава харизматичност не се доволни репери за (пр)оценка, со обзир на тоа што претодникот му живееше од спинерство и пропаганда, токму поради тоа што немаше ни грам автентична харизматичност. И право да си кажеме, комични се напорите на сдсмовкста камарадерија да Мицкоски го претставуваат како нехаризматичен смотанко кој не знае да дава изјави, а притоа во Бихачката им чучи македонскиот политички Јоги Бера и правнук на Барон Минхаузен. Мислам, редно е да си потчистат по партијата пред да му се потсмеваат на комшијата ...
Со таа мисла на ум, едно е сосема евидентно – од Мицковски не бива Љубчо. Но доколку не успее да си го најде сопствениот глас, неминовно ќе биде симнат скалило-две и сведен на Ана Брнабиќ на македонската десница, т.е. како уште еден од дузината парадерски шармери кои треба да ги заведуваат европските стари дами за сметка на домашните просто-проширени лидери. За надминување на таквата загроза кон долговековноста на неговото лидерство е потребно повеќе од редекорација на претседателскиот кабинет и турање плочки дека "the buck stops here!”. Најискрениот и добронамерен совет кој некој би можел да му го пренесе на Мицкоски е успешноста на неговата политика ќе биде мерена според наметнувањето на самиот себе како прв современ претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а не како третиот лидер на братството ВМРО во независна Македонија. Тоа ќе биде линијата на разграничување меѓу инерцијата на ВМРО и иднината на ВМРО-ДПМНЕ, линија која минува низ многу спротиставени кланови, сцили и харидби.
Странски мирудии
Дотолку повеќе што последните случувања во ВМРО-ДПМНЕ (слично како и во СДСМ) упатуваат на дилемата дали кадрите на Тупурковски се лепилото кое ги зближува двете партии, на сметка на старите ВМРО-вци и Бранковите СДСМ-овци. За да ја покрие наследената Груевистичка демо-алтернативна природа Мицкоски можеби ќе биде принуден да го следи истиот погубен рецепт на Груевски. Што подразбира дека ќе мора да биде поголем ВМРО-вец од Манданата, па дури и од Заев. Со таа разлика што Мицкоски ниту може, и тешко дека ќе смее, да ја користи техниката на Заев (копирана од Али Ахмети во ДУИ) за обезбедување лидерска доминација преку с'скање меѓусебни конфликти помеѓу секој и сите за кои смета дека можат да му попречат во етаблирањето на автократијата и нарцисоидната алчност. Наравоучение: Мицкоски го доби ВМРО како дар, но за да ја придобие ДПМНЕ ќе треба да скине пар-непар чевли и да изеде кило-две сол.
За странските мирудии и да не зборуваме. Како што веќе можеше да се увери од посланието на Бејли со честитки за изборот на партиски водач. Интересно сроченото писмо на Бејли еалката која недостасуваше во заокружување на тактичката операција за промена на ликови и неменување на сценариото. Заклучок кој се наметнува од формулацијата дека „стапување на оваа важна функција доаѓа во време на можност за голем напредок на Македонија во насока на аспирациите за безбедност, просперитет и инклузивна демократија”. Наведениот редослед на приоритети не е само потсетник за Мицкоски за домашните работи кои го чекаат, туку и потврда дека за САД безбедноста сѐ уште има предимство пред економскиот просперитет и третокласната демократија. Чуден избор на приоритети на Бејли кој не соодејствува со домашната „дојде животот” и „нула проблеми со соседите” еуфорија. Какви и да се мотивите на Бејли за неочекуваното ретерирање од демократијата кон безбедноста, едно е сосема извесно. Стабилократијата уште долго ќе не јава.