Порше полни 70 години
Автомобилите на Порше со децении уживаат култен статус. Никогаш досега производител на спортски автомобили немал такви успеси, но остануваат и некои контроверзи...
Првороденче
Култниот бренд е роден: на 8 јуни 1948 моделот 356 ја доби дозволата за производство. Тоа беше првото возило кое го носеше името Порше. 50 години подоцна тој автомобил беше оштетен откако падна од авионска палета. За среќа, го преживеа падот, а денес е во музејот на Порше во Штутгарт.
Таткото на 356 е...
...Фердинанд Антон Ернст Порше, или познат како Фери. Без него, не ќе постоеја ни 356 ниту 911. Над 5 децении Фери го предводеше Порше како директор и претседател. Неговиот татко, Фердинанд Порше исто така правеше возила - за Фолксваген. Најголемата задача на Фердинанд беше развојот на претходникот на „бубачката“ за кој Хитлер се надеваше дека ќе ги мобилизира масите.
Луксуз во време-невреме
Првото Порше ѝ беше претставено на публиката неколку години по крајот на Втората светска војна. Не мора да се каже дека спортските автомобили не беа баш високо на агендата на луѓето во тоа време. Но, со текот на годините Порше успеа да се наметне. „Ние правиме возила кои никому не се потребни, но сите ги посакуваат“, велеше Фери.
Од 356 до 911
Сребрениот 356 имаше 35 коњски сили, немаше покрив, ниту ретровизори, но се препознаваше од прва дека е „Порше“. Неговиот најпознат наследник е 911 (на фотографијата е 911 Тарга од 2014) која го наследи 356 во 1960-те години и оттогаш сѐ уште се произведува.
Популарен ширум светот
На Порше му требаа речиси 50 години за да продаде еден милион возила. Но оттогаш, производството драматично порасна: на последните милион возила им требаа само пет години за да излезат од салоните. Само во 2017, повеќе од 250 илјади возила излегоа од фабриките, а во последната деценија продажбата на Порше тројно се зголеми.
Давид против Голијат
Кон средината на 2000. години, малиот Порше се обиде да го преземе германскиот гигант Фолксваген. Планот не успеа. Денес, холдинг компанија наречена Порше СЕ поседува мнозински пакет во Фолксваген, додека Порше Корпорација, која ги прави автомобилите, беше инкорпорирана во Групацијата Фолксваген.
Надвиснати темни облаци
Со децении, Порше ги избегнуваше дизел моторите. Тоа се промени со растот на СУВ возилата, во кои се ставаа дизели од брендот Фолксваген-Ауди. Така и Порше загази во скандалот со дизел возилата.
Премин на струја
Првиот електричен автомобил на Порше на пазарот ќе се појави во 2019 и треба да има досег од 500 километри и капацитет за брзо полнење. Така барем ветуваат од фирмата. Се очекува да следат и други модели, во соработка со Фолксваген и Ауди. Порше сака да инвестира 6 милијарди евра во развој на е-возила до 2022 година.
Скапо е, ама се продава
Порше очекува 2018 да биде рекордна во однос на продажбата. Изгледа дека сѐ повеќе луѓе го споделуваат чувството на Валтер Рорл, легендарниот германски рели-возач сметаше дека гаража без Порше 911 во неа е „здодевна, празна дупка“.