Пораките од Њујорк се јасни, процесот е во ќорсокак
28 септември 2013Грција не отстапува од решение „ерга омнес“, што очигледно го бетонира процесот во „пат позиција“ со оглед дека никој во Македонија не сака да слушне за преговори околу промена на идентитетот. Дел од аналитичарите сметаат дека Груевски вешто го искористил настапот во ОН за да предупреди дека меѓународното право е на страната на Македонија, а државите имаат обврска за безусловно почитување на одлуката на судот во Хаг.
Во изјава за Дојче веле, универзитетскиот професор Горан Илиќ коментира дека Груевски јасно дал до знаење дека зачувувањето и заштитата на националниот идентитет на македонскиот народ е од суштествено значење, а одбраната на националниот идентитет, произлегува од природното право на секој народ на самоопределување, дотолку повеќе што сето тоа е потврдено и со Повелбата на ОН:
„Во случајот, меѓународното право и неговите постулати се наведени како клучни во разрешувањето на дводеценискиот спор. Во прилог на тоа, како дополнителен аргумент за македонската кооперативност во меѓународните односи, беше наведено и учеството на Република Македонија во бројни мировни мисии, како влог во мирот, слободата и демократијата. Она што посебно интригира е латентниот повик за засилен ангажман на ОН во решавањето на конкретниот спор, како и изнаоѓање на алтернативни решенија за негово надминување. Повикот кон ОН, со сигурност може да се третира како повик кон меѓународното право, за истото да не остане ’мртво слово на хартија’, туку решавање на проблемите. Но и покрај определбите за почитување на меѓународното право и принципите на меѓународната правда стипулирани во Повелбата и документите на ООН, сепак реалната политика се‘уште го има приматот на светската политичка сцена. Грција тоа го знае, и успешно го практикува, притоа суспендирајќи го членството на Република Македонија во ЕУ, НАТО како и во другите меѓународни и мултилатерални организации, под нејзиното национално и уставно име. Предизвикот на Република Македонија во овој контекст значи комбинирање на реалната политика и меѓународното право во водењето на процесот, а преку мобилизирање и активирање на сите расположливи дипломатски ресурси, се‘ со цел добивање на поволни надворешно – политички позиции, наклонетост од клучните глобални актери и можност за одбрана и унапредување на сопствените национални интереси“, предупредува Илиќ.
Проблемот е политички
Универзитетскиот професор Мирјана Малеска, пак смета дека настапот и пораките што Груевски ги испрати во говорот нема многу да помогнат во спорот со Грција. Одлуката на Меѓунардониот суд на правдата е аргумент и факт на страната на Македонија, но решението и проблемот според нејзе се политички и затоа треба да се бара решение преку преговори:
„И самата Организација на обединетите нации е политичка и спорот е политички и така се дефинира и од страна на светската организација. Заради тоа тие имаат и свој посредник, Метју Нимиц, што наведува на потреба од взаемно прифатливо решение. Говорот е поплака околу тоа дека меѓународната заедница не е на наша страна и недоволно ја поддржува Македонија што мислам дека не помага. Со други зборови нема некое изненадување во она што досега го слушнав околу позициите на Македонија во овој спор. Релативно ново е што го дефинира спорот како проблем со името но и проблем со идентитетот, но јас не слушнав прецизно и е нејасно околу кој идентитет. Во настапите пред ОН не може да се очекува поместување, но може да се искористи говорницата за да се добијат симпатии. Но за тоа се потребни поинакви говори, но тоа е очигледно неможно. Ова важи и за двете страни во спорот, бидејќи и Венизелос со својот став ја потврди нивната исклучивост. Преговарачкиот процес е долг и бавен, но доколку се сака решение мора да се преговара. Меѓутоа, имам впечаток дека нема сериозна желба за такво нешто, иако не постои спор кој не може да се реши“, смета Малеска.
Медијацијата се потроши
Поранешниот амбасадор и долгогодишен аналитичар на спорот со Грција Ристо Никовски пак смета дека процесот на медијација е во ќорсокак. Груевски според него на цврст и одлучен начин ја претстави ситуацијата околу името на државата и ги повика ОН да не спијат туку да се ангажираат бидејќи таму се корените на проблемот:
„Клучно е, меѓутоа, нешто друго. Во четвртокот, пред средбата Попоски-Венизелос, грчкото МНР излезе со соопштение кое направи целосен пресврт во третманот на проблемот. И досега имавме изјави на Папуљас и на други политичари дека е проблем нашата македонштина, а не името на државата, ама е ова прв пат во официјален, пишан документ да се каже дека независноста во 1991. сме ја прогласиле базирајќи го своето постоење како независна држава, на вештачки и невистинит поим -'македонска нација', што бил негуван преку систематско фалсификување на историјата и експлоатацијата на античка Македонија“. Картите се до крај отворени. Со ова, и по неочекуваните изјави на Нимиц во Скопје, станува јасно дека медијацијата се потроши, дојде во ќорсокак. Тоа значи дека сега ние треба да покренеме иницијатива до генсекот на ООН за нејзино прекинување, враќање на предметот во СБ на ООН, исфрлање на референцата од понатамошна употреба и користење на нашето уставно име. Соопштението е веројатно дадено со цел да се минира говорот на Груевски“, смета Никовски.
Македонскиот премиер во говорот предупреди дека Македонците нема да прифатат преименување и нагласи дека Република Македонија, согласно меѓународното право, има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски:
Грција пак од друга страна тврди дека сака соработка врз основа на поставени вредности и принципи на Повелбата на ОН и добрососедството, но инсистира на сложено име со географска одредница за секаква употреба.