1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решение за кризата преку одговорност за криминалот

Кристина Озимец12 јули 2016

Јасната поддршка за Специјалното обвинителство при посетата на Викторија Нуланд испрати порака дека Вашингтон ќе инсистира на одговорност за сите оние кои се вклучени во криминални дела, коментираат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1JNPA
Фотографија: Reuters/S. Karpukhin

Помошничката на државниот секретар на САД Викторија Нуланд замина охрабрена од Македонија, со очекувања за брзо решение на политичката криза. Засега е нејасно дали оптимизмот на високата претставничка на Стејт Департментот се должи на некакви придвижувања во преговорите помеѓу партиите. Но она што е кристално јасно се пораките за недвосмислена поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство и Пржинскиот договор.

Нуланд во земјава испрати повеќе важни пораки, меѓу кои и онаа дека не е исклучена можноста за формирање на Специјално одделение во Кривичниот суд, кое ќе работи на случаите кои ќе ги процесуира Специјалното обвинителство, опција за која се погласно се говори во јавноста како нужна за правна разврска.

Таа го поддржа СЈО и дури порача дека од работата на оваа институција и враќањето на правдата во земјата, зависи иднината на Македонија во Европската унија и НАТО.

„Работата на СЈО е од клучно значење за враќање на владеењето на правото, одговорност и вистински правен систем во Македонија, што е клучно доколку земјата сака да стане членка на ЕУ и НАТО“, рече Нуланд.

Mazedonien Sonderstaatsanwaltschaft - Katica Janeva & Lence Ristoska
Поддршка на Вашингтон за СЈОФотографија: MIA

Без одговорност, нема решение на кризата

Нуланд за прв пат по нејзината посета беше оптимист за политичката криза, но тој оптимизам е за работата на Специјалното обвинителство додека за другите процеси не се искажа до крај, смета политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

„Дознавме дека се сретнала со СЈО и добила тука нешто позитивно и не негираше дека е можно создавање на специјално судско одделение, со што укажа дека овие судии што сега ги имаме во системот, немаат капацитет да и служат на правдата. За оптимизмот во другиот дел од преговорите, не се искажа до крај, во смисла кога би биле изборите и што ќе биде со одредени процеси кои ги кочат како избирачкиот список и Законот за медиуми“, вели Демири за Дојче Веле.

Според него, она што е индикативно е дека ниту една партија по средбата не соопштила дека се случил некој поголем позитивен исчекор.

„Сега останува да видиме во следните денови дали оптимизмот е реален за Македонија или пак преговорите повторно ќе се влечат до недоглед како досега“, додава Демири.

Аналитичарот Сашо Ордановски, вели дека не е веќе прашање дали партијата на власт ќе се согласи со одредени предлози за решавање на кризата кои се на маса, туку пораката е дека мора да има одговорност за криминалот кој е направен.

„Посетата на Нуланд значи дека Американците ќе инсистираат на процесуирање на одговорноста за сторените криминали. Ќе се формира и Специјално судско одделение и ќе се процесуираат делата, се што треба ќе се направи“, вели Ордановски.

Kombibild Politiker Mazedonien
Четворицата партиски лидери на потег

Набргу е можен договор

Наскоро може да се очекува договор од партиите и излез од политичкиот ќор сокак, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Познавајќи ја нејзината кариера, и како таа секогаш наоѓа решение, верувам дека ова е последниот поттик кој ќе направи нашите политичари да ја надминат кризата. Нејзината посета може да биде искористена и како изговор пред електоратот за сите евентуални отстапки кои партиите ќе ги направат во преговарачкиот процес. Ние имаме политика на мускули, а кога мускулите се неефективни, тие секогаш како изговор го користат притисокот од меѓународниот фактор“, додава Муслиу.

Откако се сретна со четирите партиски лидери, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на невладиниот сектор и медиумите, Нуланд рече дека има одреден напредок во Пржинскиот договор. Според неа, се очекува во наредните денови преговарачките тимови да ги разгледаат идеите што се на маса и да се движат кон организирање слободни и фер избори.

Нуланд не испушти да порача дека САД се надеваат на решение на политичката криза во Македонија, без да бидат принудени да воведуваат санкции.