Порака до Путин: дотука, и ни чекор натаму
9 јули 2016НАТО ѕвечка со оружје, но многу тивко. Зашто, мерено во воени категории, четири баталјони на источната граница на Алијансата вистински не се голема закана за многу посилните руски трупи. Москва не може да биде импресионирана од зајакнувањето на трупите на НАТО. Ни во НАТО тоа никој не го очекуваше. Целта беше првенствено да се покаже одлучност. Исто така, пораката треба да биде - Алијансата има слух за загриженоста на балтичките држави, кои беа дел од поранешниот Советски сојуз и Варшавскиот пакт.
Но, никој во НАТО не верува сериозно во намерата Русија да ги нападне сегашните членки на Алијансата или да ги подложи на хибридни напади на „зелените луѓе“ (војници во униформа без ознака, н.з.) по примерот на Украина. Според толкувањето во НАТО, на рускиот претседател Владимир Путин му е важно нешто друго. Тој сака да го го обезбеди своето влијание во Украина, Белорусија, Грузија, Молдавија, Азербејџан и Ерменија. А во тоа успеа. Белорусија е негов сосјузник. Останатите држави се вплеткани во конфликти во кои е клучно влијанието на Русија. Со вакви „замрзнати“ конфликти, ниедна од овие држави не може да стане дел од НАТО. Теренот е „контаминиран“ со години, можеби и децении.
Во овој контекст треба да се толкува и посетата на Путин на Финска. На Финците, кои повремено флертуваат со можно приклучување кон Алијансата, Москва јасно им кажа дека Финска има многу, многу долга граница кон Русија, која може да стане ранлива.
НАТО пак од својстрана со самитот во Варшава упатува порака до Русија: до тука и ни чекор натаму. Во неа учествуваат и западните НАТО-држави, кои не се директно загрозени. На Путин досега не му успеа да предизвика расцеп во Алијансата.
Патем, во Варшава делумно аминуваниот Ракетен одбранбен штит исто така не е никаква опасна сабја за закана. Тој технички не е во можност да ги запре руските интерконтинентални ракети. Тој е насочен кон одбрана од заканите од Северна Кореја или Иран. Разбирливо, тоа го знае и раководството во Москва, иако постојано го тврди спротивното.
Сега, кога тоа е разјаснето, всушност не би требало ништо да стои на патот на нов дијалог на НАТО со Русија. Повторно треба да заживее Советот НАТО-Русија. Претседателот Путин телефонира со претседателите Обама и Оланд, како и со канцеларката Меркел. Се води дијалог на највисоко рамниште. Така и мора да биде, зашто државите од НАТО и усија имаат заеднички интереси: конфликтот во Сирија, одбраната од исламистички тероризам, развојот во Авганистан, Иран. Да не ги споменуваме економските интереси.
По самитот во Варшава значи потребно е преминување кон меѓусебен дијалог и реална политика. Покусиот крај во оваа двојна стратегија на НАТО, тивко ѕвечкање со оружје и дијалог, ќе го извлечат првенствено Украина и Грузија. Тие мора да се помират со фактот дека Русија долго ќе остане трн во нивното месо, а НАТО воено не може или не сака ништо да направи.
Враќање на Крим, повлекување од Абхазија или Транснистрија од руска страна остануваат само илузија. За среќа, ова нема врска со студената војна. Во нејзино време една наспроти друга стоеја две меѓусебно непријателски идеологии како блокови вооружени до заби со стотици илјади војници во Централна Европа. Денес бројот на конвенционална воена сила е релативно мал. Демократиите денес стојат наспроти режимот на Путин, кој не следи никаква идеологија, но реагира делумно скоковито и понепредвидливо од советското раководство во задржувањето на моќта и бенефициите. Одговорот кој НАТО досега му го дава на студениот тактичар од Кремљ, е токму вистинскиот.