Попушти насип на Елба, граѓаните се евакуираат
10 јуни 2013Состојбата во поплавените региони долж реката Елба е и натаму многу опасна. Во Стендал, во покраината Саксонија-Анхалт, во текот на ноќта попушти еден од насипите. Дупката на насипот е долга 50 метри. Местото Фишбек е сосема под вода, а околу 1200 граѓани мораа да ги напуштат домовите. Во целата покраина Саксонија Анхалт, според наводи на Кризниот штаб на покраинската влада, 44.000 луѓе се повикани да се засолнат на сигурно.
Во Населбата Ротензе во Магдебург околу 700 војници се обидуваат да ја држат водата подалеку од една потстаница за електрична енергија. Оваа потстаница е од клучно значење за снабдување со струја на една станица која ја транспортира отпадната вода од градот во станица за прочистување во околината, соопшти портпарол на Кризниот штаб на Магдебург. Кризниот штаб донесе одлука за евакуација на источните квартови на градот. Нивото на водата е превисоко во подрачје од над 40 километри и водата ќе врши притисок врз насипите повеќе денови. Во меѓувреме, нивото на водата изнесува 7,30 метри. Во текот на вчерашниот ден првпат е забележано намалување на нивото за неколку сантиметри и се очекува овој тренд да продолжи. „Според актуелните прогнози, до среда би требало да биде достигнато ниво од 7 метри“, соопшти Кризниот штаб. Во сите училишта наставата е откажана до петок (14.06).
Бранденбург и Долна Саксонија чекаат на поплава
Нивоот на водата постојано се зголемува во покраината Брандебург. Во Витенберге е достигнато историско ниво од 7,85 метри, за денеска се прогнозираат 8 метри, а веќе за утре ниво од 8,20 метри. За време на таканаречената поплава на векот во 2002 година, нивото на водата во Витенберге изнесуваше 7,34 метри.
Рекордно ниво на водата има и во покраината Долна Саксонија. Веќе е евакуиран стариот дел на градот Хицакер. Засега не е забележано попуштање на насипи во овие региони на Елба.
Поради поплавите има прекини на железничкиот сообраќај. Возовите меѓу Берлин и Хановер засега не возат, а сообраќајот меѓу Берлин и Келн е пренасочен.
Гаук во поплавените подрачја
Вчера поплавените региони ги посети сојузниот претседател Јоахим Гаук. Тој присуствуваше на богослужба во Хале ан дер Заале, во покраината Саксонија Анхалт, во чиј фокус беше темата солударност. По завршувањето на богослужбата Гаук до Германците апелираше да бидат солидарни. „Ние кои живееме далеку одовде можеме да сториме многу, може да ги отвориме паричниците. Германија е солидарна земја“, рече тој.
Претседателот беше видно трогнат од она што го виде во регионот. Луѓето во некои места по втор или трет пат го губат во поплавите она што го поседуваат. Да се даде утеха на овие луѓе не е лесна задача ниту за претседателот и тој тоа не го криеше: „Тешко е. Понекогаш, кога сте исправени пред човек погоден од поплавите ви недостигаат зброови. Одите кон него, го поздравувате и прашувате - каде може да помогнам?“