Попушта притисокот околу основачот на Викиликс
17 декември 2010Австралиската влада пред две недели побара од полицијата да истражи дали Џулијан Асанж, инаку австралијски државјанин, извршил кривично дело со тоа што на неговата интернет платформа објавил илјадници доверливи документи на американската влада.
Австралијска Сојузна полиција денеска соопшти дека ја завршила евалуацијата на расположивиот материјал и заклучила дека објавувањето на американските тајни депеши на Викиликс не ги прекршува австралиските закони.
Инаку сопственикот на Викиликс Џулијан Асанж синоќа беше пуштен на условна слобода, откако за него беше платена кауција, соопштено е во Лондон, пренесува агенцијата Франс прес. „Се надевам дека ќе ја продолжам работата и ќе ја докажам невиноста“, рече Асанж по излегувањето од затвор. Се очекува тој сега да престојува во Велика Британија, каде ќе има право на ограничено движење, а ќе мора и да носи направа за лоцирање. Одлуката на судот во Лондон да го пушти на слобода Асанж со кауција од 200.000 фунти ја обжали британското обвинителство во име на Шведска, која бара негова екстрадиција поради наводно сексуално насилство и силување.
Асанж, кој ги отфрла обвинувањата на шведските власти, беше уапсен на 7. декември во Лондон врз основа на потерница распишана од Интерпол.
Автор: СН/ГЧ/афп
Редактор: Горан Чутаноски