Попоски: Грција во моментов незаинтересирана за решение за името
23 јули 2013Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски (на насловната фотографија со медијаторот Метју Нимиц) во разговор за Радио Слободна Европа, уште истакнува дека Македонија се обиде да внесе некаква динамика во процесот и е заинтересирана за тоа што ќе слушне од Атина.
„Всушност, ние во моментов повеќе сме заинтересирани што ќе слушнеме од Атина, бидејќи Атина е причината што ние не можеме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ веќе неколку години, и покрај позитивните препораки. Ние се обидовме да внесеме некаква динамика во тој процес, кој се одвива под покровителство на господин Нимиц. Очекуваме да го подигнеме нивото, да се вклучат премиерите на двете земји, поголема политичка посветеност и Македонија веќе да не биде држена како заложник во евро-итеграцискиот процес на регионот“, изјави министерот Попоски.
Министерот Попоски додава дека засега нема никаков сигнал од Грција ниту во врска со прашањето за името, ниту пак во врска со почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. За евентуалните притисоци од американските и од европските партнери за забрзување на преговорите и за поскоро надминување на спорот Попоски нагласува дека Македонија не може да направи чекор напред без да има чекор од Атина, а притисокот врз неа е само декларативен.
„Ние не можеме да направиме чекор напред без да има чекор од Атина во оваа фаза. Притисокот е само врз Македонија, бидејќи е мала земја и е надвор од НАТО и ЕУ, а притисокот врз Грција е само преку коминикеа, и декларативен и затоа тие имаат комфорна ситуација во овој момент. На Грција приоритет и е економската криза и владата има други поважни работи, па не е заинтересирана, ниту мотивирана да се занимава со прашањето за името“, вели министерот за надворешни работи.