1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попоски: Германија сака да се реши спорот за името

Милчо Јованоски 18 август 2014

Проблемот со името и натаму е статус-кво, вели во интервју за Дојче веле македонскиот министер за надворешни работи, Никола Поповски и додава дека германската дипломатија сака решение на спорот, но Атина молчи.

https://p.dw.com/p/1Cw3S
Фотографија: AP

На неполни две недели до Конференцијата на земјите од Западен Балкан во Берлин, чиј домаќин ќе биде канцеларката на Германија, Ангела Меркел, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во интервју за ДВ одговара на прашања сврзани со решавањето на спорот за името, вклученоста и поддршката на Германија во тој процес, но и за односите на Македонија со Бугарија и Албанија

ДВ: Дел медиуми во Македонија најавија дека во текот на месецов е можна средба помеѓу канцеларката Ангела Меркел и премиерот на Република Македонија, Никола Груевски. Некои отидоа дури дотаму и напишаа дека Груевски ќе прифати промена на името, но за возврат од Меркел ќе бара да не се чепка во прашањето за идентитетот. Како прв човек на македонската дипломатија, како гледате на овие претпоставки?

Попоски: Не би сакал да коментирам какви било шпекулации или претпоставки. Она што би сакал да го кажам и што е базирано на факти е дека Германија сака да испрати сигнал дека сака да биде присутна во регионот, дека регионот има иднина во Европската унија и дека тоа веројатно ќе биде процес кој ќе одземе повеќе години. Тоа е и идејата на ангажманот на канцеларката Меркел за претстојниот самит со премиерите од регионов, кој ќе има и политичка и економска компонента. Политичката во делот ’Да, имате гарантирана иднина во ЕУ, но тоа ќе одземе време’ и економската компонента во која ќе ни биде порачано во меѓувреме најмногу да работиме на подобрување на инфраструктурата и зголемувањето на конкурентноста во регионот. Бидејќи без економски развој и политичката интеграција би немала никаква смисла.' Тоа е она што ќе се случува. Во однос на конкретниот ангажман на Германија спрема Република Македонија, тоа што беше кажано досега е дека постои интерес кај Германија да се придвижи процесот на интеграции, бидејќи веќе е извесно и за канцеларката Меркел и за целата германска дипломатија дека продолжување на статус – кво кон Македонија со неоправдано и правно неиздржано одложување на почетокот на преговорите за ЕУ и членството во НАТО не е нешто што носи добри резултати за целиот регион. Значи, германската дипломатија сака тоа да биде надминато и тие знаат дека главниот проблем е блокадата од Грција. И Германија би сакала да види решение, но во никој случај не би сакала да плати цена на зголемена непопуларност или отворена конфронтација со Грција во однос на тоа прашање. За претходна директна средба Меркел – Груевски не би можел да говорам, бидејќи тоа се активности кои се тековни, но факт е дека на крајот од месецот во Берлин ќе има Самит на Меркел со премиерите од целиот регион, меѓу кои ќе биде и македонскиот премиер Никола Груевски.

ДВ: Сметате ли дека Германија активно влегува во решавање на спорот за името?

Попоски: Потсетувам дека Грција им има јасно и отворено кажано на сите партнери дека нивната сегашна влада нема намера да се занимава со надминување на спорот околу името, бидејќи смета дека има многу тешки внатрешни проблеми и смета дека во следниот период има за исполнување низа други критериуми кои се прилично непопуларни, носат тежина и од тој аспект не чувствува дека има политичка сила да се занимава со други надворешно – политички прашања, вклучително и прашањето со името. Тоа е таа политичка калкулација во Атина во однос на надминување на спорот. Тоа е јасно и за Германија и за останатите поупатени членки во овој спор и од тој аспект ограничено е нивното влијание за придвижување на спорот. За нас е значајно да не биде продолжена таа ситуација на едноставно одложување без поголем фокус. Но нашата енергија треба да ја насочиме кон она што можеме дома да го направиме, а тоа се реформите и економскиот развој. Тука е делот на инфраструктурата и тука Германија може да помогне преку европските фондови и разни билатерални програми да се поттикне економскиот развој во регионот, а со тоа и во Македонија. И нашата енергија треба да биде посветена на тоа поле, бидејќи имаме и поголемо влијание. Нашето влијание не е доволно да постигнеме Атина, која нема намера да се занимава со ова прашање, да почне да се занимава со него. Тоа ќе треба да го направат оние земји кои го имаат тоа влијание.

ДВ: Како ја толкувате во Министерството и во Владата последната изјава на канцеларката Меркел врзана за Македонија дека и таа ќе се радува ако за брзо се најде решение за името?

Попоски: Ние имаме отворена и постојана комуникација и јасно е и во Берлин дека, без поголем ангажман на покрупните и поголеми земји членки во ЕУ и НАТО, Грција нема никаков интерес да се занимава со решавање на прашањето за името. Грчкиот пристап е што подолго да не се решава и да се остави на идните влади и мандати да се занимаваат со ова, при што се користи аргументот дека навистина имаат тешка домашна ситуација и дека тоа им ја апсорбира целата енергија.

ДВ: Но тоа Македонија ја држи во изолација?

Попоски: Не би говорел за изолација, бидејќи се работи за јасен став на владата во Атина. Но, од друга страна никој не се чувствува доволно комотно за да направи поголем и поотворен ангажман за поттикнување на Атина да го смени ставот.

ДВ: Медијаторот Метју Нимиц го посети регионот. Европа преку Германија се обидува да направи придвижување во спорот. Дали може паралелно да се решава спорот и преку ООН и ЕУ?

Попоски: Надминувањето на спорот за името е прашање на мотивација во двата главни градови. За нас мотивацијата е јасна, ние немаме подобра алтернатива освен влезот во НАТО и ЕУ. Тоа е патот кој го имаме избрано и таму треба да одиме. На тој пат имаме непринципиелна блокада на Грција и ние бараме начин да го решиме тоа. Мотивацијата во Атина не постои Тоа е реалност. Последната посета на медијаторот Нимиц беше уште еден обид да се слушнат позициите и да се комуницира. Но само по себе нема да дојде до решение, ако не постои мотив на исто ниво на двете страни. Во овој случај мотивот на Грција е целосно отсутен. Тоа му е сосема јасно и на медијаторот Нимиц и на земјите од ЕУ кои го следат целиот процес и на двете страни во процесот.

ДВ: Значи ли Самиот во Берлин дека преку Германија ЕУ ќе го води регионот кон идна интеграција?

Попоски: За Германија ќе биде значајно да не се изгуби реперот за извесен број години дека сите земји од регионот треба да бидат дел од ЕУ, а во тоа време регионот ќе треба да се направи да биде покомпатибилен со Унијата за да ги стигне нејзините стандарди. Германија најверојатно ќе се посвети најмногу за да се постигнат стандардите во регионот во политичкиот , но и економскиот дел. Економскиот дел зависи најмногу од нас.

ДВ: Македонија – Бугарија - Договорот за добрососедство не е уште потпишан. Но двете земји јавно покажаа одредена соработка на пример преку МАНУ и БАН и двете влади.

Попоски: Ако ја споредиме сегашната состојба со таа од пред околу две години, кога на Самит во 2012 за првпат се отвори прашањето од страна на Бугарија дека поддршката за влез на Македонија во ЕУ не е безусловна, до сега работите се подобрени во многу аспекти. Средби на историчари, академии, работни групи од министерствата за надворешни. Мислам дека во делот на тој договор многу нешта се искристализирани. Имавме отворена комуникација и наша оценка беше дека можевме и тој договор многу брзо да го завршиме. Внатрешно – политичката ситуација во моментов во Бугарија е таква што земјата има техничка влада до изборите во октомври. Од бугарска страна ни беше речено: можеме да имаме активности, но ништо не можеме конкретно да премостиме. Така што, заокружувањето на Договорот за добрососедство и целиот тек на дискусии ќе ја чекааат новата бугарска влада. Тоа што е значајно за нас е дека успеавме да ја промениме климата во дискусиите по предложениот Договор за добрососедство и во рамките на различните експертски работни групи кои што се случуваа. Мислам дека доколку продолжиме со таквиот тренд на отворена дискусија, не би требало да биде тешко да се затвори тоа прашање, кое објективно, ако е отворено, не е во прилог на Македонија, бидејќи последното што би сакале да ни се случи е да имаме две земји членки на ЕУ кои не‘ блокираат. Од друга страна мораме да очекуваме од земјите членки на Унијата да се однесуваат европски по ова прашање.

ДВ: Македонците во Албанија се загрижени од новата територијално – административна поделба на земјата, која е во нивна штета. Ќе реагира ли Македонија како држава на овој процес?

Попоски: Мислам дека пристапот треба да биде отворен, и од наша и од која било друга страна не треба да постои мешање во работи на соседна држава. Сметам дека тоа како принцип треба да го почитуваат сите земји во регионот, на тоа апелиравме и на тоа сме реагирале во повеќе наврати кога други земји имаат обиди да се мешаат во нашите внатрешни работи. Сепак, сметаме дека е значајно дека при било која активност, реформа или реорганизација треба да се води сметка за зачувување на интересите на сите граѓани во таа држава, вклучително и во Република Албанија. И сметаме дека можноста да се развиваат тие права на определена заедница претставува богатство и дополнителен аргумент да се биде исклучително внимателен при третирање на тие прашања. Нашата цел и по ова прашање ќе биде да имаме отворена комуникација, да не дозволиме мешање во нашите внатрешни работи, ниту пак ние имаме такви амбиции. Но, ќе треба да се водиме по принципите кои постојат во Советот на Европа и останатите европски институции кои се стремат за почитување на правата и положбата на сите граѓани во една држава и особено на сите заедници во неа. Би сакале овој процес да се заокружи на еден демократски начин и сметам дека дефинитивно тоа ќе биде и во корист на Република Албанија, со која ги делиме европските аспирации.