1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош за трауматизираните жени од Сребреница

Нилс Нојберт / ЕМФ10 јули 2015

Организацијата „Виве Жене“ им помага на трауматизираните жени кои во војната во Босна и Херцеговина загубиле свои блиски. Трагите од геноцидот во Сребреница се се‘ уште видливи.

https://p.dw.com/p/1FwL6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Организацијата „Виве Жене“ од Тузла си даде себеси за задача да им помага на трауматизираните жени кои во војната во Босна и Херцеговина ги загубиле своите најмили. Така организацијата им помага и на оние жени кои во геноцидот во Сребреница ги изгубиле своите мажи и синови и кои ја преживеале голготата од 1995. година. Терапевтката Аида Мустачевиќ-Ципурковиќ вели дека жените од Сребреница долги години ништо не знаеле за судбината на членовите на своите семејства. „Некои жени извршиле самоубиство, затоа што бремето што морале да го носат било претешко. Оние кои преживеаја се до ден-денес тешко трауматизирани“, вели Мустачевиќ-Ципурковиќ.

Морала да го остави зад себе сопругот

Специфичноста на организацијата е што „Виве Жене“ работи со жените од двете страни - и со Бошњачки и со Србинки. Здравка Пејиќ и Сафета Бегановиќ така се среќаваат во оваа организација.

Bosnien-Herzegowina 20 Jahre Srebrenica
Аида Мустачевиќ-ЦипурковиќФотографија: DW/N. Neubert

Сафета делува цврсто и одлучно, таа е жена која не допушта никому да и‘ одредува што било. Во малото местенце Коњевиќ Поље таа има малечка фарма со кокошки, а нејзините рапави раце покажуваат дека таа на таа фарма одработува најголем дел од работите. Но, кога ќе ја прашате за нејзината животна приказна, застанува и речиси почнуваат да и‘ се тресат колената. А потоа низ образите почнуваат да течат солзи: „Моето бебе, кога побегнав од Сребреница и кога морав зад себе да го оставам сопругот, имаше 6 месеци. Неговите коски се пронајдени дури по 6 години.“ Тоа бебе, Мухарем, денес е момче и и‘ помага на мајка си на фармата кога нема обврски на факултет.

Bosnien-Herzegowina 20 Jahre Srebrenica
Сафета БегановиќФотографија: DW/N. Neubert

„Со соседите живеам во мир“

Здравка Пејиќ е од Кравица и одгледува малини и боровинки. И таа во војната ги загубила блиските. Нејзината куќа е уништена во 1993 година. Заедно со сопругот оскудно обновила што можела. Брачната двојка Пејиќ има три ќерки - Славица, Сара и Марија. „Тие треба да тргнат по патот на подобра иднина, треба да студираат и со своите соседи да живеат во мир“, вели Здравка.

Bosnien-Herzegowina 20 Jahre Srebrenica
Здравка Пејиќ со сопругот и ќеркитеФотографија: DW/N. Neubert

На заедничките групни состаноци, додава таа, разговараат за се‘ и сешто, од временската прогноза до препреките кои мора да ги премостат како земјоделец или одгледувач на кокошки во БиХ. Но, разговараат и за болни теми - за загубите на двете страни.

Притоа, не се работи за тоа да се споредуваат злосторстават по тоа кое е потешко, наведува терапевтката Аида Мустачевиќ-Ципурковиќ: „Ниедно злосторство не е изговор за друго злосторство. Секоја жртва е важна.“

Токму тоа им помага на жените - да разговараат за она што го преживеале и да се слушнат и приказните на другата страна.