1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска: Црковни миси за самци

Клаудија Бекман/ Жана Ацеска 18 октомври 2014

Во повеќе цркви во Варшава се одржуваат миси за самци како христијански пандан на интернет сервисите за запознавање. Идејата за спојување на луѓето преку заедничка молитва наидува на одличен одек.

https://p.dw.com/p/1DO3T
Фотографија: DW-TV

Варшава, град на вљубените, кон крајот на летото. Катаржина Матуш може само да ги набљудува своите сонародници-вљубени двојки.

Таа има 34 години и цел живот е сама. Со години мислела дека кога и да е, ќе дојде вистинскиот. Но, тој не дошол. Многуте години осаменост од неа направиле самотник:

„Кога си сам, немаш волја да правиш нешто. Немаш желба да готвиш или да излегуваш. Јас сум или само на работа или само дома.“

Катаржина се обратила за помош и добила совет дека мора активно да бара љубов. Се обидела преку посредувачки берзи во интернет и се сретнала со повеќемина мажи. Но, ниеднаш не „заискрило“. Притоа, таа всушност јасно знае што сака од својот иден:

„Немам никаква претстава како треба да изгледа мојот иден принц, дали треба да биде олку или онолку висок, да има кафеава коса и сл. Важно е што има во срцето, ние мора да делиме заеднички вредности, мора да е побожен. Партнерството сакам да го градам на оваа основа.“

За осамените меѓу 38 милиони католички верници да си се пронајдат меѓусебно, во Полска не се грижат онлајн-порталите за барање партнер, туку црквата. Во Варшава три црковни општини нудат богослужби за самци. Наместо самците да бараат партнер преку интернет, верниците можат на заедничките молитви да се запознаат и да се засакаат.

И Катаржина со благодарност ја прими оваа понуда. Таа веќе една година ги посетува богослужбите за самци во Езуитската црква во стариот дел од Варшава. Потребата, се чини, е голема, црквата е преполна.

Свештеникот Александер Јацињак ја објавува програмата.

„Ние не се молиме само за девицата Марија, туку и за оние кои бараат брачен партнер“.

И така тие се молат и пеат 45 минути.

„Во Полска моментно има околу пет милиони самци, вистинска мака. Но, оној кој со 40 години уште е самец и е задоволен, или е психички болен или нема поим. Секој има потреба да биде со некого и сосема е нормално да сака да го оствари тоа“, вели свештеникот.

Тој за таа цел по богослужбата ја става на располагање својата визба, каде младите верници со Кока-кола и колачи можат меѓусебно да се зближат. Концептот е успешен, наскоро се разменуваат телефонски броеви. И Катаржина по четврт час е вдлабочена во разговор. Радек има 32 години, правник е и бара пријателка.

Споделување на исти вредности значи првенствено љубов кон Бога. Иако во црквата веќе се родиле некои партнерства, на некои им паѓа тешко флертувањето тука.

На пример, Магда, жена на крајот на 40-те години: „Можеби е веќе предоцна навечер, во секој случај овде не запознав никого со кого и потоа би се сретнала, би отишла на кино или во прошетка, со кого би можела да го минам времето. Но, можеби јас сум овде единствена во тоа.“

За Катаржина вечерта е поуспешна. Таа и Радек уште не сакаат да се разделат.

Барем денеска се чини дека Бог нема ништо против во животот на Катаржина да има некој маж.